Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Шведска не треба да очекува поддршка за влез во НАТО по протестите викендов на антиисламските активисти и прокурдските организации.
Дозволувате терористички организации да дивеат и очекувате поддршка за влез во НАТО, тоа нема да се случи“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека ако Шведска не покаже почит кон Турција и муслиманите, нема да има поддршка од Анкара за влез во НАТО.
Ердоган ги критикуваше протестите предводени од Расмус Палудан на кои беше запален Куранот, наведувајќи дека тоа е навреда за сите, особено за муслиманите. Тој ги критикуваше и шведските власти што дозволија да се одржат демонстрации пред турската амбасада во Стокхолм.
Ердоган, исто така, ја критикуваше Шведска за прокурдските протести за време на кои демонстрантите носеа знамиња на различни курдски организации, вклучително и Курдистанската работничка партија /PKK/, која е на списокот на терористички организации во Турција, ЕУ и САД.
Симболите на оваа организација не се забранети во Шведска.
Финска и Шведска поднесоа апликации за членство во НАТО во мај. Турција го блокираше разгледувањето на барањето поради долгогодишната поддршка на Хелсинки и Стокхолм за ПКК.
Во јуни Турција, Шведска и Финска потпишаа безбедносен меморандум, со кој беше отстранета блокадата на почетокот на преговорите за пристапување на двете земји во Алијансата. Страните се согласија да ја зајакнат соработката во борбата против тероризмот, вклучително и против ПКК, и да ги укинат ограничувањата за извозот на оружје од Турција.