More

    Зголемен е бројот на деца во земјава кои во моментов боледуваат од овчи сипаници или варичела

    spot_img

    Зголемен е бројот на деца во земјава кои во моментов боледуваат од овчи сипаници или варичела, потврдуваат од одделот Епидемиологија од Институтот за јавно здравје во Скопје (ИЈЗ).

    – Во однос на овчите сипаници, се регистрира зголемен број заболени во однос на 2021 година, но таа пандемиска година сите заразни болести се регистрираа со намален број. Споредено со пред пандемискиот период, бројот на овчи сипаници на годишно ниво е во рамки на очекуваното. Во 2022 година бројот на заболени од овчи сипаници изнесува 4 757, што е за 38% намалување во однос на аритметичката средина за пред пандемискиот период 2015-2019 – велат од Институтот.

    Последните случаи со мали сипаници или морбили се регистрирани за време на епидемијата во 2019 година, а во 2020, 2021 и до крајот на 2022 година не се регистрирани такви случаи.

    Дали сега повторно може да стравуваме од епидемија со морбили?

    – Нискиот опфат со МРП вакцината (која ја содржи компонентата против мали сипаници), во изминатите две години, доведува до акумулација на осетлива популација што го зголемува ризикот од појава на епидемија на мали сипаници. Затоа е потребна редовна вакцинација на сите подлежечки деца, како и вакцинација на сите деца кои ја пропуштиле редовната вакцинација, согласно Календарот за имунизација – велат од ИЈЗ.

    Имунизацијата против морбили во моментов бележи надолен тренд за што потврдуваат и податоците кои со Плусинфо ги споделија од одделот за епидемиологија, особено по пандемиската 2019 година кога во земјава беше прогласена епидемија на морбили.

    – Во 2019 година, опфатот со МРП беше над 93% и за прва и за втора доза. Таа година поради епидемијата на мали сипаници, како противепидемиска мерка беше спроведена вакцинација на пропуштените деца од претходните генерации, и за прва и за втора доза, и беа аплицирани над 50 000 дози вакцини, што резултираше со запирање на епидемијата. Последните две пандемиски години, 2020 и 2021 година, се бележи намалување на опфатот со МРП вакцината. Во 2020 година опфатот со МРП изнесува 63% за прва доза и за 68,5% втора доза, но во 2021 година опфатот се зголеми и изнесува 70,4% за прва и 80,4% за втора доза, но сѐ уште е понизок од препорачаниот – велат од ИЈЗ.

    Оттаму апелираат до родителите да ги почитуваат вакциналните календари и навремено да ги носат своите деца за редовна имунизација која е пропишана со закон, а особено кога станува збор за сипаниците.

    – Вакцината против мали сипаници се дава со комбинирана МРП (мали сипаници, рубеола, паротит) вакцина, во две дози, првата доза со навршени 12 месеци, а втората доза (ревакцинација) на 6 години, односно при започнување на основното образование. Децата кои ја пропуштиле редовната вакцинација може да се вакцинираат до 14-годишна возраст – објаснуваат од Институтот.

    Малите сипаници се многу заразна и сериозна болест, предизвикана од вирус. Пред воведувањето на оваа вакцина во 1963 година и пред вакцинацијата широко да се распространи во светот, големи епидемии на мали сипаници се појавуваа просечно на 2-3 години предизвикувајќи по околу 2,6 милиони смртни случаи секоја година. Оваа болест останува една од водечките причини за смрт кај малите деца на глобално ниво, и покрај достапноста на безбедна и ефикасна вакцина.

    Од Институтот за јавно здравје потенцираат дека невакцинираните мали деца се во најголем ризик да заболат од мали сипаници и нејзини компликации, вклучувајќи и смрт. Невакцинираните бремени жени се исто така изложени на ризик. Секое лице без имунитет кон ова заболување (невакцинирано или вакцинирано лице кое не развило имунитет) може да се зарази.

    Превенција од тоа Институтот гледа во спроведување на рутинската вакцинација против мали сипаници, во комбинација со масовни кампањи за имунизација. Вакцината против мали сипаници се користи повеќе од 50 години, и е вакцината безбедна и ефикасна.

    Револт кај родителите, паника во регионот

    Зголемениот број заболени со мали сипаници во земјава предизвика бурни реакции и на социјалните мрежи. Родители велат дека градинки се испразнети, поради тоа што групи деца заболеле од варичела.

    – 50% од децата не се вакцинирани против сипаници! Дали сте нормални, вас родителите ве прашувам?! Не казна, право затвор би ви определил. Од тоа што секој простак може да траска што сака на интернет дојдовме до состојба на паднат колективен имунитет, срамота – напиша еден родител на Твитер.

    Друг додава дека се враќаат искоренети болести како што се мали сипаници и сифилис, се уништува имунитетот стекнуван со генерации.

    – Ако не бевте вакцинирани против дифтерија, тетанус, магарешка кашлица, рубеола, заушки, сипаници и детска парализа… пола од вас ќе беа глуви, слепи, рошави и парализирани – вели друг корисник на Твитер.

    Во регионот, во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина на големо се зборува за епидемија од сипаници.

    Доктор Дијана Коцева – Миланова од Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ Штип вели дека родителите најмногу пружаат отпор кон оваа вакцина што само ги изложува децата на зараза при евентуално пренесување на болеста од надвор.

    – Немаме случаи на регистрирани заболени од морбили, меѓутоа самиот факт дека е низок опфатот на имунизација ги изложува на ризик неимунизираните деца. При еден импортиран случај од странство тие ризикуваат да ја добијат болеста, бидејќи се работи за болест која се шири преку директен контакт и преку воздух – вели Коцева – Миланова.

    Морбилите предизвикуваат имунолошка амнезија

    Во гостување на Тема на денот во дневникот на Сител, минатата недела епидемиологот д-р Драган Даниловски говореше за заспаниот имунитет кај децата, кој е последица на пандемијата со ковид-19, поради што, како што рече, во моментов има голем број заразени деца со разни вируси. Тој изрази загриженост од нискиот број вакцинирани деца против морбили, бидејќи оваа болест предизвикува имунолошка амнезија.

    – Морбилите предизвикуваат имунолошка амнезија, бидејќи се единствена од заразните болести која откако ќе се прележи го брише комплетно стекнатиот имунитет кон сите дотогаш прележани болести, како и имунитетот кој е стекнат со сите вакцини кои дотогаш се примени – објасни Даниловски.

    Тој додаде дека ова сознание е откриено во 2012 година, па поради тоа потенцира дека е потребна редовна вакцинација на децата за да се избегнат нови проблеми.

    – Само со вакцината против морбили не се произведува овој феномен. Кај вакцинираните пациенти не се брише стекнатиот имунитет, дали со прележување или вакцинација, а доколку не сте вакцинирани, тогаш е потребно повторна имунизација. Како што нагласив, морбилите го бришат имунитетот – вели епидемиологот.

    Даниловски потенцираше дека вакцинацијата против морбили во нашата земја е на многу ниско ниво и упати апел до родителите да ги вакцинираат своите деца и со тоа да ги заштитат и нив и целото општество.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img