Претседателот Стево Пендаровски преку видео-порака се обрати на свеченото отворање на Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што од денеска до 28 јануари се одржува виртуелно. Годинешното издание на зимската школа е во чест на македонскиот поет Ацо Шопов, по повод 100 годишнината од неговото раѓање.
Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.
Видео-материјал: Обраќање на третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура – YouTube
Почитувани учесници на Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура,
Драги пријатели,
Ви благодарам на можноста да ви се обратам на почетокот на Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Ако на инаугуративното издание на зимската школа пред две години одбележувавме сто години од раѓањето на великанот на македонската филологија, лингвистика и книжевност, академик Блаже Конески, годинава повторно одбележуваме значаен јубилеј – 100 години од раѓањето на истакнатиот македонски поет Ацо Шопов, еден од основоположниците на современата македонска книжевност.
Како покровител и на овој јубилеј особено сум почестен што одбележувањето на оваа значајна годишнина е во соработка со УНЕСКО. Меѓу бројните активности во програмата за одбележување на јубилејот во текот на целата 2023 година, вклучително и настаните предвидени за Светскиот ден на поезијата, 21 март, во седиштето на УНЕСКО во Париз, особено место зазема и Третата зимска школа.
Дозволете да ја поздравам одлуката на Меѓународниот семинар, што во рамките на годинешнава зимска школа, наставата за семинаристите од напреднато рамниште, во целост ќе биде посветена на поезијата на Ацо Шопов. Верувам дека тоа ќе биде дополнителна мотивација и конкретна можност за ново приопштување на Шопов кон меѓународната читателска публика преку нови препеви и трудови за неговата поезија.
Без сомнение, богатството на македонскиот јазик најубаво може да се види и преку пишаниот збор и достигнувањата на нашите литературни автори како Шопов, кој преку својот поетски израз отвора нови перспективи за препеви кои, самите по себе, покрај одличното познавање на јазикот на кој се напишани, се одраз на голема посветеност и креативност. Уживањето во раскошот на неговите стихови, е најдобриот начин да ја почувстуваме убавината на македонскиот јазик и неговиот огромен потенцијал.
Почитувани,
Самиот факт што на зимската школа присуствуваат повеќе од 40 учесници од 17 земји од светот, сведочи за интересот за изучување на македонскиот јазик на што сите треба да бидеме особено горди.
Без дилеми, меѓу учесниците имаме нови афирматори на македонскиот јазик, на македонската литература и култура, но и пријатели на нашата земја и нејзините убавини. Во исто време, искажаниот интерес нѐ потсетува и на обврската што ја имаме да го негуваме македонскиот јазик и постојано да работиме на неговото зачувување и унапредување.
Наспроти фактот дека зимската школа се одржува преку интернет, се надевам дека голем дел од вас наскоро ќе можат и физички да дојдат во земјава и да го изучуваат македонскиот јазик, дали на летната школа на семинарот за македонски јазик, литература и култура, или во некој друг формат и прилика.
Би сакал во ова мое обраќање да изразам благодарност до предавачите и сите учесници на зимската школа за нивниот интерес за изучување на македонскиот јазик. Како наш идентитетски и духовен столб, односно, според Конески, „единствената наша комплетна татковина“, особено сме среќни што сѐ повеќе лингвисти, филолози, писатели и студенти покажуваат интерес за македонскиот јазик.
На крајот, да се послужам со зборови од насловот на една од збирките поезија на Ацо Шопов „Ветрот носи убаво време“ и да посакам школата да ви донесе само убаво време, убави моменти со плодни дискусии од кои ќе произлезат нови иницијативи за соработка, истражувања и развој.
Ви честитам на желбата и изборот да бидете дел од Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура и во наредните шест дена, додека трае школата, ви посакувам успешна работа.