Музички собир в недела против одлуката на Арсовска за разрешување на в.д. директорот Богоев

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

На платото пред МКЦ утре со протестен музички собир од 12 до 16 часот ќе се брани Младинскиот културен центар од одлуката на скопската градоначалничка Данела Арсовска да го смени в. д. директорот Ванчо Богоев и на негово место да го назначи дипломираниот детектив Никола Алексов, кој нема работно искуство во културниот сектор.

На протестот ќе настапат десетина групи и пејачи, меѓу кои и Дина Јашари, „Новиот почеток“, „Хајка“. Организаторот на протестот, музичкиот колектив Гола планина, во објавата за настанот на Фејсбук вели дека е против политизирањето на оваа културна институција.

– Срамота е да се скрати буџетот на МКЦ за 92%! Срамота е форсираното политизирање на една од најлегитимните и најработливите културни установи во Македонија. Срамота е постојаниот обид за угнетување на оние кои уживаат во правење и восприемање на уметност различна од популарната, посебно на младите кои се борат за трошките – велат во прогласот Гола планина.

Тие додаваа дека МКЦ Е ЗА СИТЕ!, МКЦ е она што нè држи живи. МКЦ не го заслужува ова, не заслужува еден ваков ветеран да биде изеден од забот на времето и алчноста.

Инаку Арсовска го смени Богоев на 17 јануари, а следниот ден Програмскиот колегиум на МКЦ соопшти дека Богоев, кој 36 години е дел од институцијата, е сменет бидејќи не сакал да го вработи пејачот Бени Шаќири, кој на последните локални избори беше кандидат за градоначалник на Скопје на ДОМ и ЛДП. Од МКЦ велат дека генералниот секретар на Градот Зоран Глигоров вршел екстремни притисоци да се потпише вработување на Шаќири.

Пред два месеца, МКЦ ја доби од Град Скопје наградата „13 Ноември” за заслуги во областа на културата и масовната посетеност, по повод 50-годишниот јубилеј.

Ова е вторпат јавноста да се побуни против политичкото влијание врз МКЦ, една од најживотворните културни и институции во земјава. Во јуни 2019, 250 независни уметници и културни работници со отворено писмо побараа од тогашниот премиер Зоран Заев да спречи менување на тогашниот в. д. директор на МКЦ Русе Арсов и поставување на пејачот Бени Шаќири на директорската функција, а обајцата беа единствените пријавени на конкурсот на Град Скопје објавен во февруари 2019. Во отвореното писмо рекоа дека ако Шаќири биде назначен за директор ќе дојде до нарушување на континуитетот на работа на МКЦ. Тогашниот скопски градоначалник Петре Шилегов рече дека јавноста предвреме суди за Шаќири. Тогаш на социјалните мрежи одеше кампања под наслов #НеГоЧепкајтеМКЦ. Во ноември 2019, Град Скопје го поништи конкурсот и Арсов остана в. д. директор, сè до декември 2021, кога даде оставка од здравствени причини. На негово место градоначалничката Данела Арсовска го назначи Ванчо Богоев.

Share This Article