Припадниците на Министерството за внатрешни работи минатата година заплениле 2,4 тони дрога со вкупна вредност од околу шест милиони евра, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Најголемиот дел од заплените се марихуана, меѓутоа имаме и хашиш, имаме и кокаин, има и хероин, амфетамини и околу 20 тони прекурсори за производство на синтетичка дрога. Пред 2,5 месеци имавме уништено најголема количина од 90-та година до денеска на дрога – некаде 10,3 тони наркотична дрога. Имаме притоа спречено неколку меѓународни транспорти на дрога по меѓународни канали кои поминуваат од соседството. Сето тоа останува приоритет и во наредниот период за овие криминални структури кои се занимаваат со разни видови на криминали да бидат изведени пред лицето на правдата – рече Спасовски во интервјуто на ТВ Плус.
Тој потенцираше дека 2022 за МВР беше успешна година, не само во делот на сузбивањето на трговијата со дрога и оружје, туку и генерално.
– Ако имате податок од шест отсто намалување на вкупниот број на кривични дела и 18 отсто на зголемување на ефикасноста споредено со 2021 година, тоа покажува дека активностите кои се преземаат во континуитет даваат резултати, а 2021 година беше година во која што имавме најдобри резултати во последните 30 години од независноста на државата до денес. Ако во 2022 година има подобри резултати, тоа значи дека сега се тие уште подобри, односно тие се најдобри во последните години. И тоа треба да ни биде целта. Еве сега, во првите денови од јануари, покрај многуте празници, се посветуваме и самите на себе како институција. Секојдневно имаме координативни средби со колегите на кои што практично ги анализираме овие состојби и ги задаваме стратешките приоритети за тековната 2023 година – истакна министерот за внатрешни работи.
Спасовски подвлече дека борбата против трговијата со дрога и оружје ќе биде еден од врвните приоритети и годинава.