Државната изборна комисија (ДИК) апсолутно е подготвена да организира и да спроведе избори во секој момент кога би биле распишани, изјави во интервју за МИА портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска.
– Апсолутно да. Државната изборна комисија постои како професионално тело со своја стручна служба и работи постојано. Како што кажав и претходно, особено ни е интензивна работата помеѓу изборите и се подготвуваме за да успешно спроведеме избори кога и да бидат распишани. Самиот изборен процес е успешно организиран и спроведен само доколку подготвителените дејствија биле успешно спроведени и завршени. Ние за избори постојано се подготвуваме така што сите надлежности на ДИК, апсолутно е подготвена да ги изврши во секој момент кога би биле распишани избори – вели Гугучевска.
На прашањето дали успешни избори би можеле да се спроведат со сегашната легислатива, имајќи предвид дека иако се зборуваше за потребата од нов изборен законик или за промена на постојниот, работната група се уште не е формирана, портпаролката потсетува дека со Изборниот законик каков што е сега во моментов веќе имаме спроведено изборни процеси и тоа Локалните избори во 2021 година за сите општини и за Град Скопје, како и минатогодишните избори во три општини така што ДИК има искуство со изборното законодавство и со имплементацијата на истото.
– Ќе се сетиме дека во 2021 година првпат имавме воведено изборна технологија односно уреди за биометриска идентификација на гласачите без пилот проект односно се пилотираа на самиот изборен ден во целата држава. И тоа беше своевиден предизвик, меѓутоа ДИК успеа заедно со останатите вклучени во процесот повторно успешно да ги организира и спроведе изборите што е нотирано и во извештаите од меѓународните набљудувачки мисии, овде мислам пред се на мисијата на ОДИХР. Секако ДИК и со овој Изборен законик би ги спровела изборите фер, демократски, и тоа не е под знак прашалник – потенцира Гугучевска.
За тоа дали ДИК ќе се соочи со одредени проблеми доколку легислативата или Изборниот законик се смени пред изборите, портпаролката на Комисијата вели дека меѓународните стандарди односно Венецијанската комисија дава свои препораки дека најмалку шест месеци пред организирање на избори не треба да има промени во изборното законодавство. Таа посочува дека промените што се случуваат во пократок рок носат одредени предизвици, но не се само за ДИК туку и за останатите учесници во изборите.
– Секако промените кои се случуваат во пократок рок, пред изборите или за време на изборниот процес, како што имавме случај во 2021 година носат со себе одредени предизвици при организирањето и спроведувањето на изборите бидејќи некои работи се случуваат првпат, имаме помалку време да се подготвиме и ние, а и останатите чинители на кои се однесуваат измените, бидејќи ДИК организира и спроведува избори, меѓутоа за измените на изборното законодавство треба да бидат информирани сите останати, потенцира таа.
Тука, како што вели Гугучевска, пред сè мисли на гласачите доколку на нив се однесуваат измените, понатаму политичките партии, независните кандидати како учесници на изборите, граѓанските организации кои ги следат изборите или на кој било начин се вклучени, граѓанските организации со пофокусиран напор и заштита на права на лица со попреченост, заштита на маргинализирани заедници и.т.н.
– Така што, мора да бидеме сигурни како општество дека сите тие се информирани за измените и што тие со себе носат во однос на нивното дејствување во изборниот процес – изјави Гугучевска.
Во интервјуто, што МИА во целост ќе го објави утре (сабота) Гугучевска посочува дека избирачите уште сега може да се проверат во избирачкиот список и доколку нивните податоци се погрешни или ги нема да се обратат до нивните подрачни одделенија или канцеларии.