Џасинда Ардерн(42), жената која во 2017 година беше најмлада шефица на влада во светот вели дека по шест години веќе нема доволно „гориво во резервоарот“ за да го води Нов Зеланд. Таа ја најави својата оставка до 7 февруари годинава, а нејзината Лабуристичка партија допрва треба да решава за нејзина смена во недела, јави Би-Би-Си.
– Знам дека ќе има многу дискусии по оваа одлука за тоа која била таканаречената „вистинска“ причина… Единствениот интересен агол што ќе го најдете е дека по шест години големи предизвици, јас сум човек – продолжи таа.
– Политичарите се луѓе. Ние даваме сè што можеме, онолку долго колку што можеме, а потоа ни доаѓа времето. А за мене, време е дојдено – додава таа-
Ако членството на Лабуристите не одреди нов премиер со двотретинско мнозинство во недела, тогаш за лидер на партијата ќе се одлучува на внатрепартиските избори во октомври годинава.
Нов Зеланд веројатно ќе западне во рецесија во следниот квартал од оваа година, а општите избори во земјата ќе бидат голем тест за партијата на Ардерн.