Рускиот претседател Владимир Путин би можел да објави нов бран на мобилизација „веќе на 18 јануари“, пишува познатиот Институ за војната ИСВ во нова анализа. Даумот се совпаѓа со говор на Путин кој тој треба денеска да го одржи во Санкт Петербург по повод 80 години од пробивањето на германската опсада врз градот во Втората светска војна, кога тој се нарекувал Ленинград.
Познато е дека Путин сака да користи симболични датуми за да му се обрати на рускиот народ, а дека тој ќе објави мобилизација сметаат и некои руски провоени блогери.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, неодамна во видео обраќање рече дека Русија планира наскоро да објави втора мобилизација. Руски аналитичари и украински функционери сметаат дека наскоро би можело да се случи уште една мобилизација во Русија, но Москва тоа го демантира, пишува германски „Дојче веле“ во опширна анализа.
Непосредно пред Нова година, украинскиот министер за одбрана Алексеј Резников им се обрати на Русите и ги предупреди дека Кремљ се подготвува за нова мобилизација, па дури и сака да воведе воена состојба во Русија и да ги затвори границите на земјата за мажи.
Официјално, делумната мобилизација во Русија , која започна на 21 септември минатата година, сè уште не е завршена. Тоа би можело да се случи само откако претседателот Владимир Путин ќе го потпише соодветниот декрет, што до денес не се случило.