Дигитализацијата создава нови начини на заштита и остварување на човековите права, има влијание врз сите видови права – граѓански, политички, културни, економски, социјални. Сепак, недоволно развиената дигитализација може да ги потисне, односно ограничи, воедно може да предизвика манипулации во правниот систем и да маргинализира одредени групи граѓани.
Северна Македонија е држава во која поради бирократски грешки и документи кои се „кријат” во пренатрупани архиви, одредени луѓе немаат документи и не можат да ги остварат основните човекови права.
Загрозени човекови права
Како што раскажува Џејлан Велиу, долгогодишна активистка во областа на социјалната правда и човековите права и правничка во здружението „Љубезност”, слабо развиената дигитализација во институциите во државава влијае врз функционалноста и ефикасноста на институциите, а следствено на тоа може да предизвика сериозно кршење на човековите права.
– Ние имаме баш еден пример, со згрешен матичен број, лицето има повеќе од 20 години, тој е фантом, бидејќи матичниот број му е погрешен, односно тој е машко, а бројот соодветствува со женски пол, тој практично нема матичен број. Пробавме да му помогнеме, во Управата за водење матични книги ни кажаа дека тоа се должи на грешка, но за да се исправи таа грешка, потребно е да се најдат оригиналните досиеја пред 20 години, што бара, енергија време и труд, затоа што знаеме како се чуваат тие документи во пренатрупани магацини, во кои е изгубен и клучот можеби, објаснува за МИА – Џејлан Велиу.
Како што објаснува таа, поради ваквите бирократски пречки овие лица не можат да се вработат, да се образуваат и се предмет на маргинализација. Велиу вели дека развиената дигитализација во која сите документи ќе бидат лесно достапни, може да реши многу проблеми и да го подобри пристапот до правда.
Човековите права со недоволно развиена дигитализација можат да бидат загрозени, а тоа го покажува и неодамнешниот апел испратен од канцеларијата на Народниот правобранител, во кој беше наведено дека поради проблеми во системот кои предизвикуваат пречки во сферата на социјалните работи при преземање службени податоци од Агенцијата за катастар на недвижности се загрозуваат правата кои се однесуваат на остварување на правата за здравствена заштита, субвенционирање, добивање финансиска и друг вид помош од државата и слично.
– Народниот правобранител смета дека ваквата состојба е недозволива и директно се одразува на остварувањето на легитимните права на поголема група граѓани, која и онака се наоѓа во многу тешка финансиско-материјална состојба и во изразит социјален ризик, беше наведено во соопштението.
Иако овој проблем за кој неодамна посочија од канцеларијата на Народниот правобранител е решен, сепак ваквите ситуации се показател дека се потребни поголеми чекори за воведување целосна дигитализација.
Трчај од шалтер до шалтер…
Константин Битраков, асистент на Правниот факултет „Јустинијан Први” и поранешен соработник-истражувач во Македонската академија на науките и уметностите, во разговор за МИА оценува дека состојбата со недоволно или несоодветно развиената дигигитализација неспорно го отежнува остварувањето на човековите права и правни интереси, односно доведува до непотребни трошоци, како финансиски така и временски, а како што вели тој, влијае и на довербата во јавниот сектор во целина.
Битраков додаде дека дигитализацијата е од голема важност, затоа што овозможува забрзани и квалитетни услуги на јавната администрација, намален број шалтери, намалување на корупцијата и на разни други влијанија. Посочува дека зајакнувањето на дигитализацијата покрај другото може да придонесе за полесна размена на информации помеѓу институциите.
– Имено, кога бараат услуга од еден јавен орган, граѓаните и компаниите често мораат да приложат докази од друг јавен орган. На пример, за да добие лиценца за продажба на алкохол од Министерството за економија, една компанија мора да докаже дека е регистрирана во Централниот регистар, за што ѝ е потребен извод. Или, за да добие некаков тип парична помош од општината во која живее, социјално загрозениот граѓанин често мора да прибави уверение од Управата за јавни приходи како показател за неговите примања. При целосна дигитализација, граѓаните и компаниите не би морале да ги доставуваат ваквите докази, туку тие би се прибавувале по службена должност, односно институциите меѓу себе би ги разменувале електронски. До овој момент, ваквата размена на податоци и документи меѓу институциите е ретка, иако таа е пропишана како задолжителна уште од 2015 година – оценува Битраков.
Антикорупциската комисија има пристап само до две институции
Корупцијата е еден од најгорливите проблеми со кои се соочува макдонското општество, а токму ефикасната дигитализацијата е еден од начините за справување со оваа негативна појава. Недоволната дигитализацијата во министерствата и институциите влијание врз намалување на ефективноста на нивното работење, а со ова се соочува и една од институциите, која директно се справува со проблемот на корупција, од Државната комисија за спречување на корупцијата.
– И покрај тоа што со член 25 став 4 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси е предвидено дека во вршењето на своите законски надлежности, ДКСК треба да има директен електронски пристап и да користи податоци од 17 државни органи и институции, ДКСК во изминатиот период имаше непосреден пристап, односно електронски прибавуваше податоци само од Централниот регистар на Република Северна Македонија и од Агенцијата за катастар на недвижности. До сите останати органи и институции ДКСК се обраќа со писмени барања за прибирање податоци, информации и документација, со што се одолговлекува процесот на утврдување на фактичката состојба по предметите по кои ДКСК постапува во рамките на нејзините законски надлежности, појаснуваат оттаму за МИА.
Изминатиот период ДКСК доставила препораки до Агенцијата за поддршка на претприемништвото и Министерството за правда за воведување дигитални алатки.
– До Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонија, да се разгледа можноста во иднина апликациите за учество по јавно објавените повици за поддршка на малото стопанство да се поднесуваат по електронски пат. До Министерството за правда, за дигитално објавување на документите на кандидатите што се пријавуваат за полагање на правосудниот испит и чување на документите во електронско досие – информираат од ДКСК.
Ни фали нешто, не само софтвер
Битраков вели дека е тешко да се направи детална проценка за правецот и брзината по која се движи процесот на дигитализација во државава, но посочува дека помеѓу самите земји на европскиот континент постои огромна дискрепанца.
– Тоа е видливо и од извештаите кои произлегуваат од Индексот за дигитална економија и општество (Digital Economy and Society Index) или DESI на Европската комисија, појаснува тој.
Студија направена од организацијата „Македонија2025″ покажува дека Северна Македонија и Македонците се на ниско ниво на дигитализација. Како причини се наведени недостигот на желба и мотивација за учење на граѓаните и модернизирање на работата од страна на компаниите, ниската свест за предностите на дигитализацијата, но и недостигот на посилна владина иницијатива и улога во оваа област.
Здруженијата кои се занимаваат со заштита на човековите права и експертите се едногласни – дигитализацијата во министерствата и органите во нивниот состав треба да биде приоритет за државата.
– Треба да се спроведе една посериозна анализа за проблемите околу софтверските решенија кои јавните органи ги употребуваат. Граѓаните често посочуваат за ситуации во кои системот на дадена институција не функционира, поради што се одолговлекува и добивањето услуга. Но, вакви случаи речиси никогаш нема во приватниот сектор. Потребно е да се простудира на што се должи ваквата состојба. Дали средствата кои јавните органи ги алоцираат за набавка не ги мотивираат компаниите кои се јавуваат на повиците да развијат адекватни софтверски решенија? Дали, пак, недостигот на ИТ-инженери во јавните органи, кој се должи на ниските плати што се нудат во јавниот сектор наспроти приватниот, нѐ доведува до ситуации во кои нема лице што знае да управува со системите? Дали станува збор за некој поинаков проблем? Овие прашања треба да бидат во центарот на стратегиите и сличните акти за развој информатичко-комуникациски технологии во државата – оценува Битраков.
Од ДКСК информираат дека недостатоците се обидуваат да ги надминат со поддршка на Европската Унија. Со финансиска поддршка на ЕУ во рамките на ИПА2-проектот во ДКСК се изработува ново софтверско решение, кое е веќе во завршна фаза и кое опфаќа повеќе модули, како што се електронско пријавување на имотната состојба и интересите, регистар на избрани и именувани лица и електронска размена на податоци со повеќе државни органи и институции.
Со ова софтверско решение предвидено е да се овозможи ДКСК да прибавува потребни податоци, информации и документација со кои располагаат државни органи и институции во електронска форма без да доставува писмени барања, што ќе придонесе во зголемување на ефикасноста и ефективноста во спроведувањето на нејзините законски надлежности, особено во делот на евидентирањето и следењето на имотната состојба и интересите.
Со воведување развиена дигитализација пренатрупаните архиви и канцеларии со документи ќе останат во историјата. Дигитализацијата има улога да овозможи електронски досиеја, лесно достапни за секој, да го намали чекањето на шалтерите и да ја подобри размената на информации и документи помеѓу институциите. Сепак, Северна Македонија како земја во развој сè уште е во процес на дитализација што може да доведе до загрозување на остварувањето на човековите права. Затоа, стручните лица посочуваат дека итно е потребен развој на дигитализацијата во институциите.