Владата убедува дека засега снабдувањето со горивo оди редовно

Lorita
By Lorita 10 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Високите цени на нафтата и на нафтените деривати направија хаос во земјава. Граѓаните себшокирани од високите цени на горивата кои за 2 дена забележаа висок раст, а трговците се незадоволни од новиот начин на пресметка на цените поради намалената маржа и загубите кои ги имаат секојдневно, бидејќи регулаторна комисија за енергетика цената на горивата ја формира со задоцнување.

Под притисок е и Владата бидејќи треба брзо да реагира за да го ублажи ценовниот шок. Оттаму убедуваат дека горива ќе има, бидејќи снабдувањето се одвива редовно. Вчера се донесени и мерки со кои треба да се ублажи ценовниот шок предизвикан од високите цени. Но, прашање е колку ќе може да се издржи ова темпо на зголемување на цените на нафтата на берзите.

Експерти велат дека нафта на светскиот пазар има и може да се набави во секое време, но прашање е дали се има пари таа да се купи.

Граѓаните откако првично се шокираа од високите цени на горивата, веќе размислуваат како да го намалат ударот врз домашниот буџет.

– Ќе возиме додека можеме, а потоа бидејќи ќе се стопли времето ќе може да ги активираме велосипедите. Можеби повеќе ќе користиме автобус бидејќи таму билетот останува со стара цена. Шега настрана многу се високи цените на горивата. Па и сè друго поскапе. Ни останува да се молиме војната во Украина да заврши и по некое време да се стабилизираат цените, кои нереално се зголемија – вели граѓанин.

Бизнисите веќе подолг период бараат намалена акциза или поврат на дел од акцизата за горивата што ги користат во превозот на стоки.

Владата вчера донесе неколку мерки поврзани со цената на нафтата и дериватите, но колку тоа ќе го ублажи ценовниот шок за граѓаните и фирмите ќе се види во наредниот период кога ќе стапат на сила предвидените измени на Законот за акциза и за ДДВ.

Во прилог на намалување на ударот од ценовен шок Владата го одложи воведувањето на зелените давачки за деривати, односно еколошката такса за енергенсите, а ја намали и стапката на ДДВ од 18 на 10 отсто при промет на енергенсите: безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, со што се намалува цената на овие горива. Исто така е намалена и акциза врз основа на берзанските цени, за ублажување на влијанието на цените на берзата.

Претходно препорача да се смени и методологијата за усогласување на цените на дериватите врз основа на промената на берзанските цени од неделна на дневна основа, која ќе важи од март до јуни.

- Advertisement -
Ad image

Оваа методологија пак стана проблем за трговците кои со вчерашното намалување трпат загуби посебен кај дизелот каде што по литар веќе губат 22 денари.

Регулаторната комисија за енергетика денеска соопшти дека очекува цените да се стабилизираат и најави дека на трговците ќе им бидат вратени маржите.

Министерот за економија Крешник Бектеши вчера изјави дека во земјава непречено тече снабдувањето со нафтени деривати. Тој рече дека е надминат хаосот кој на бензинските пумпи се случи деновиве.

- Advertisement -
Ad image

Професорот Константин Димитров вели дека купувањето на нафта и деривати од нафта не е проблем бидејќи ги има на светскиот пазар, но проблем е дали се има пари таа да се купи со оглед на растечката цена.

– Пазарот на нафта функционира, а и Русија нема да се откаже од извозот на овој енергенс. Значи нафта има, но дали државата има пари да го следи растот на цената на нафтата. Поголем проблем меѓутоа ќе биде ако се наруши снабдувањето поради финансиски средства, а државата нема обезбедено доволно количини резерви за нормално функционирање – вели Димитров.

Според него, проблемот со нафтата не е економски туку главно политички и затоа не може да се предвиди што ќе се случува во наредниот период.

– Затоа е потребно секоја држава да ги обезбеди потребните резерви. Кај нас не се знае дали ги имаме тие резерви и во колкави количини. Не се кажува ниту процентот, за да се смири народот, што создава сомнеж. Не гледам ниту иницијатива од пратениците да расправаат дали државата има резерви од енергенси и храна, што е малку проблематично – додава тој.

Од Регулаторната комисија за енергетика очекуваат набрзо да се стабилизира состојбата на светскиот пазар, но признаваат дека тоа треба да го направат само големите земји.

Идејата е да се стабилизира производството и за тоа поголемите земји веќе ги вклучуваат стоковите резерви.

Оттаму велат дека проблем е и производната цена на нафтените деривати која е зголемена поради повисоката цена на електричната енергија на светските берзи, но и поради поскапото производство на нафтени деривати со повисоки еколошки стандарди.

Цената на нафтата забележува висок раст од почетокот на војната во Украина, а воведените санкции против Русија дополнително ја зголемуваат.

САД го ограничи увозот на руска нафта, Велика Британија најави дека ќе се приклучи на санкциите и постепено ќе ја исфрли од употреба до крајот на годината, а ЕУ е поделена дали да се приклучи на санкциите бидејќи процентот на зависност од руската нафта засега е висок. Во меѓувреме земјите извознички на нафта од ОПЕК најавија зголемено производство за да го ублажат недостигот од руска нафта и да ја намалат цената на нафтата.

Земјава е 100 отсто увозно зависна од нафта и нафтени деривати. Во  2020 година, според податоците на регулаторната комисија за енергетика, трговците на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, увозот на нафтените деривати  го вршеле од 11 држави при што најмногу нафтени деривати биле увезени од соседните држави, и тоа од Грција со 79,46 %, потоа од Бугарија со 10,73 %, Албанија со 3,54 %, Србија со 3,04 %, Босна и Херцеговина со 1,92 %, Романија 0,78 % и мал процент на увоз од други земји.

Лани земјава од земјите производители на нафта членки на ОПЕК увезла стока во вредност од 84,7 милиони евра што е зголемување на увозот од 73,7 отсто во однос на 2020 година кога се увезени стоки во вредност од 48,7 милиони евра.

Само во јануари годинава за кога има статистички податоци од ОПЕК, земјава увезла стоки во износ од 7,6 милиони евра што е зголемување за 117 отсто во однос на јануари 2020 година кога се увезени стоки во вредност од 3,5 милиони евра.

Годишно во просек се увезува повеќе од 1,3 илјади тони нафтени продукти. Околу 650 илјади тони е дизел за транспорт, околу 40 илјади тони нафта за ложење, над 90 илјади тони мазут, над 100 илјади тони моторен бензин, над 75 илјади тони ТНГ.

Вкупните увезени количества на нафтени деривати во  2020 година (за кога има последни податоци) изнесуваат 969.936 тони, што е за 15,16 % помалку во однос на увезените количества на нафтени деривати во 2019 година (1.143.276 тони). Најголем увозник и оваа година е ОКТА Рафинерија на нафта којашто учествува со 66,78 %, потоа следува „Супер трејд“е со 10,43 %, „Лукоил Македонија “е со 8,50 %, ОМ Петрол Скопје со 2,52 %, ДЕТОИЛ -Куманово со 2,43 % и останатите трговци со помалку од 10 % учество во вкупниот увоз на нафтени деривати во 2020 година.

Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, доминантен удел во вкупната продажба има „Макпетрол“, по што следуваат ОКТА „Супертрејд“, „Лукоил“, „Дади Оил“, „Црна Река Петрол“, Детоил“, „Пуцко Петрол“ и преостанатите помали трговци на големо со нафтени деривати.

Во трговијата на големо доминираат „Супертрејд“ и ОКТА со 19,22%, односно 18,55% учество.

Во трговијата на мало доминира „Макпетрол“ со 42,19%, потоа следуваат „Лукоил“ со 14,41% и „Супертрејд“ со 10,64% и овие три компании заедно имаат над 67,24% од трговијата на мало.

Набавката и продажбата на нафтените деривати во текот на 2020 година, активно ја вршеле 27 правни субјекти лиценцирани за трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за
транспорт.

Share This Article