More

    Дневен ред за 1. седница на Уставниот суд во 2023 година која ќе се одржи утре

    spot_img

    Уставниот суд на 11 јануари(среда) во 9.30 часот ќе ја одржи првата седница од 2023 година со дневен ред на кој се предвидени шест иницијативи за оценување на уставност и законитост и две барања за заштита на слободи и права.

    1.Реферат У.бр.64/2021

    Оспорен: Член 205 од Законот за облига­цио­ните односи.

    Подносител на иницијативата: Осигурување Македонија а.д.Скопје- Виена Иншуренс Груп, од Скопје, застапувано од адвокат Игор Спировски од Скопје

    Од наводите во иницијативата:

    Подносителот смета дека одредбата од Законот не е јасна и предвидлива и го исклучува правното дејство на пресуди на Врховниот суд донесени во постапка на ревизија со кои се укинати или преиначени пресуди на пониските судови врз основа на кои била извршена присилна наплата на надо­местокот на штета означен во таа одредба и ја сведува ревизијата на неефикасно правно средство (повреда на правна заштита на сопстве­носта).

    Се наведува дека е нужно оспорената одредба од Законот да се согледува во контекст на одредбите што се однесуваат на правилата за враќање кај „стекнување без основа“ и во однос на надоместокот на штета односно справедлив надоместок во случаи на повреда на телото, нарушување на здравјето или смрт од тој закон.

    2.Реферат У.бр.1/2022

    Оспорен: Член 75-ѓ, член 76-д, член 78 и член 78-а од Изборниот законик.

    Подносител: Павле Трајанов

    Дел од наводите во иницијативата:

    Според подносителот на иницијативата одредбите содржани во членовите 75-ѓ и 76-д од Изборниот законик во кои се регулирани ценовниците за платено политичко рекламирање во медиумите и начинот на исплатата на средствата, фаворизираат четири политички партии со што директно се загрозува политичкиот плурализам. Во иницијативата се наведува дека на тој начин се дискриминираат кандидатите кои имаат поинакви политички уверувања и им се оневозможува еднаков пристап до средствата за јавно информирање, како и до средствата од Буџетот кои биле одвоени за таа намена. Подносителот на иницијативата смета дека со оспорените законски одредби се загрозува основното уставно начело на еднаквоста и дека со тие одредби се внесува непропорционалност во политичкиот натпревар.

    3.Реферат У.бр.117/2022

    Оспорена одредба: делот: „Општата спогодба за царини и трговија (ГАТТ)“ од член 22 став 3 алинеја 2 од Законот за надворешно трговско работење.

    Подносител на иницијативата: Игорчо Точев од Скопје

    Од наводите во иницијативата:

    Во иницијативата се наведува дека Општата спогодба за царини и трговија (ГАТТ) е потпишана на 30.10.1947 година од страна на 30 држави и била во примена до 01.01.1995 година кога е воспоставена Светската трговска организација по постигнат договор на 123 нации во Маракеш на 15.04.1994 година, како дел од Договорите од Уругвајската рунда. Притоа Принципите на ГАТТ и многу трговски договори постигнати под нејзино покровителство се прифатени од Светската трговска организација (WTO/СТО), но тоа не означува дека наведената спогодба постои и понатаму. Според подносителот на иницијативата, произлегува дека Општата спогодба за царини и трговија (ГАТТ) не е повеќе дел од меѓународните договори кои се во правниот промет, односно нормите на еден таков договор не припаѓаат под општо прифатените норми на меѓународното право од каде опстојувањето на нормите на таков договор во внатрешниот правен промет е беспредметно и може да доведе до забуна во примената. Оттаму, оспорениот дел од одредбата е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и 11 и член 118 од Уставот, се наведува во иницијативата.

    4.Реферат У.бр.36/2022

    Оспорен: Член 2 од Уредбата за изменување на Уредбата за висина на надоместок за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надомест за приватизација на градежно земјиште(„Службен весник на Република Северна Македонија” бр.81/2022), донесена од Владата на Република Северна Македонија

    Подносител на иницијативата: Емануел Тасев

    Дел од наводите во иницијативата:

    Според подносителот, членот 2 од Уредбата не е во согласност со повеќе одредби од Уставот и тоа членот 52 став 4 според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, член 55 став 2 според кој слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето и членот 8 став 1 алинеја 3 според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Подносителот наведува дека барателите на приватизација на градежно земјиште во државна сопственост со намена за комерцијални, деловни, стопански, производствени цели, спорт и рекреација и неизградено земјиште за колективно домување пред стапување во сила на Уредбата се ставаат во понеповолна положба, им се повредува стекнатото право да го приватизираат земјиштето во државна сопственост согласно предвидените услови за приватизација при поднесување на барањето, а само затоа што постапките по нивните барања не се завршени заради неажурност на органите  и според иницијативата се дискриминирани во однос на повластените баратели чии барања се решени со правосилни одлуки.

    5.Реферат У.бр.23/2022

    Подносител: Наташа Шурбановска од Скопје

    Оспорена е Одлука на Советот на Општина Карпош бр.09-1656/3 од 03.03.2022 година за донесување на ДУП за градска четврт 3. 04, Блок 3 04.05 како спротивна на член 8 став 1 алинеи 3 и 9  и член 51 од Уставот. Според подносителот со овој ДУП се предвидува изградба на бензинска пумпа спроти базенот „Младост” во општина Карпош на дел од сообраќајната инфраструктура. Подносителот смета дека Одлуката не е во согласност со Уставот и членовите 108 и 110, Законот за урбанистичко планирање, ГУП за Град Скопје и Правилникот за урбанистичко планирање.

    6.Реферат У.бр.52/2022

    Оспорен:  Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт 3 05 помеѓу булевар Илинден, булевар 8-ми Септември, булевар Партизански одреди и улица Љубљанска-Општина Карпош-Скопје.

    Подносител:Даниел Георгиевски

    Дел од наводите во иницијативата: Подносителот наведува дека при изготвувањето на оспорениот ДУП, општина Карпош не ги почитувала наведените уставни и законски одредби, односно дека се направени повеќе пропусти во постапката за донесување на наведениот ДУП. Се наведува дека донесувачот не ја објавил Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и формуларот на веб-страницата, обврска предвидена во Законот за животна средина.

    II- БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

    Реферат У.бр.146/2021

    Оспорени: Пресудата МАЛВП-705/20 од 14.04.2021 година на Основниот граѓански суд Скопје и Пресудата ГЖ-2666/21 од 30.09.2021 година на Апелациониот суд Скопје.

    Подносител: Влатко Стојановски преку адвокат Филип Медарски од Скопје

    Дел од наводите во барањето:

    Подносителот на барањето смета дека со пресудите на двата суда, Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје е повредена уставно гарантираната слобода на изразување и членот 10 од Европската конвенција за човекови права. Според него државата преку соодветни државни институции не ја гарантирала неговата безбедност на 27.04.2017 година при извршување на работната задача во Собранието, а двата суда со пресудите не ги зеле во предвид тужбените барања за повреда на слободата на изразување и настаните коишто му се случиле односно директните напади кон него во Собранието, бидејќи како новинар известувал за прашања од јавен интерес (конституирање на ново парламентарно мнозинство).

    Реферат У.бр.43/2022

    Подносител: Анита Галевски преку адвокат Кирил Михајловски

    Оспорен: Решение РО број 0904-19 од 17.02.2022 година од Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

    Подносителката на барањето наведува дека е дискриминирана по основ на политичка припадност согласно член 110 став 1 алинеја 3 во врска со член 32 стаав 1 и став 2 од Уставот на Република Северна Македонија. Подносителката на барањето смета дека е дискриминирана бидејќи е второрангирана на конкурс за вработување како фармацевтски техничар при ЈЗУ Клиничка болница Битола, на чијшто оглас бил избран шесторангиран кандидат.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img