Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој е во затвор во Русија речиси две години, изјави дека новогодишната ноќ ја поминал во дисциплинска ќелија, што е уште еден пример за заострување на неговите услови за притвор.
Во порака испратена до неговите адвокати и објавена денеска на социјалните мрежи, Навални рече дека управата на затворот, на околу 200 километри од Москва, одлучила на 31 декември да го осуди на 15 дена во дисциплинска ќелија поради кршење на прописи.
Рускиот опозиционер рече дека му забележале што едно утро станал во 5 часот и 24 минути и ја завршил утринската тоалета, односно 36 минути пред време, бидејќи се станува во 6 часот.
– И така ми ги уништија плановите да поминам супер дочек на Новата Година со чипс и конзерва риба што ги оставив на страна – изјави Навални.
Тој додаде дека цела новогодишна ноќ ја поминал во ќелија со двајца затвореници, од кои едниот постојано врескал од психоза.
– Сè на сè, задоволен сум. Луѓето плаќаат за да поминат оригинална Нова година, за мене тоа беше бесплатно – рече Навални.
Навални, кој е голем критичар на Владимир Путин, беше уапсен во Русија во јануари 2021 година, откако се врати во земјата по тешкото труење, кое му го припишува на Кремљ.