Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо ќе дебитира за Ал Наср на 21 јануари во натпреварот од 14. коло од Професионалната лига на Саудиска Арабија против Ал-Етифак.
Роналдо пред два дена беше промовиран во Ријад како ново засилување на Ал Наср. Навивачите на овој клуб очекуваа португалскиот фудбалер да дебитира за новиот клуб на натпреварот против Ал Тае во среда.
Сепак, Роналдо ќе мора да пропушти два натпревари поради суспензијата која ја изрече Фудбалската асоцијација на Англија додека настапуваше за Манчестер Јунајтед.
Португалецот доби суспензија на два натпревари откако му го скрши мобилниот телефон на момче со аутизам додека го напушташе теренот по натпреварот со Евертон. Португалецот не стигна да ја одлежи казната, бидејќи одлуката е донесена еден ден по раскинувањето на договорот со Манчестер Јунајтед. Според прописите на ФИФА, играчите кои не ја одлежале суспензијата во претходните лиги мора да ја „одлежат“ казната во новиот шампионат.
Ал Наср ќе се сретне со Ал Шабаб на 14 јануари, а една недела подоцна против Ал-Етифак. Роналдо потпиша договор со Ал Наср до јуни 2025 година и треба да заработува 200 милиони евра по сезона.