Украински проектили, наводно, го погодиле Крим во текот на ноќта. Oва е информацијата која денеска кружи на социјалните мрежи, а ја објави профилот „Вишеград24“ заедно со видео во кое, наводно, руската противвоздушна одбрана како се обидува да собори проектил кај Нижегорск.
Војната во Украина продолжува. Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска потврди дека ќе стигне пратката француски лесни тенкови и рече дека нема логична причина зошто досега било во застој западното оружје наменето за Украина уште две други земји, САД и Естонија, решија да побрзаат со оружјето и помошта.
Американскиот претседател Џо Бајден синоќа изјави дека се разгледува опцијата за испраќање оклопни борбени возила Бредли во Украина, дел од уште еден пакет помош во оружје што ќе биде објавен во наредните денови.
– Да – одговорил Бајден на прашањето дали таа опција е „на маса”, пишува Вашингтон Пост.
Бредли е оклопно возило со моќно оружје, кое американската војска го користи од средината на 1980-тите. САД располагаат со илјадници Бредли, а американските медиуми оценуваат дека некои од нив сигурно би им помогнале на Украинците во борбата против руската инвазија.
Не е познато колку „Бредли” се наменети за Украина, но Соединетите Американски Држави подготвуваат уште еден пакет помош во оружје, кој ќе биде објавен во наредните денови.
Локалните медиуми уште посочуваат дека Бајден размислува за испраќање возила Бредли, но не спомнал ништо за тенковите Абрамс, кои Украина ги бара.
Истовремено, Естонија работи на механизам со кој ќе може да се префрлат замрзнатите руски финансиски ресурси од Естонија во Киев со цел да се финансира закрепнувањето на Украина, изјави естонскиот министер за надворешни работи Урмас Реинсалу.
Во интервју за естонскиот весник „Postimes“, тој изјави дека во таа земја се замрзнати 17 милијарди евра руски средства, но дека и покрај тоа што членките на ЕУ ѝ дадоа инструкции на Европската комисија да изработи правна рамка за трансфер на пари од Естонија во Украина, не е постигнат голем напредок по ова прашање, пренесува ТАСС.