Министерството за надворешни работи (МНР) ни за „жива глава“ не ги открива 69-те истакнати Македонци од дијаспората на кои од 1 јануари годинава им е обезбеден забрзан влез во земјава, поради тоа што поседуваат МКарта.
Плусинфо денеска неколкупати се обиде да исконтактира со МНР со цел да ја добиеме листата на којашто се испишани имињата и презимињата на „среќните добитници“, но оттаму – молк. Засега останува непознато кои се заслужните македонски државјани што на брза лента на аеродромите ќе можат да ја поминуваат процедурата и кои ќе добијат бесплатен влез во културни институции.
Непознато останува и по кои критериуми се одбрани личностите и какви заслуги за Македонија имаат направено.
Единствената информација што ја потврди МНР е дека одлуката за тоа кој ќе добие таква МКарта ја носи лично министерот Бујар Османи, на предлог на шефот на дипломатско-конзуларното претставништво на земјава во странство или по предлог на друг државен орган.
Инаку, проектот МКарта претставува мрежа на наши квалитетни поединци во дијаспората, кои со својата стручност и нагласен ангажман се истакнуваат во странство, што ги чини вистински амбасадори кои на најдобар можен начин ја претставуваат Македонија.