По силниот земјотрес од 4,9 степени на Евија во средата, заклучно со синоќа на грчкиот остров биле регистрирани над 100 последователни потреси, согласно извештајот на специјалната научна комисија за проценка на сеизмичка опасност и намалување на сеизмичкиот ризик, јави дописничката на МИА од Атина.
Надлежната комисија вчера одржа втор состанок свикан по барање на министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Христос Стилианидис, за да се разгледаат новите податоци за сеизмичката активност на грчкиот остров.
Согласно заклучоците на Комисијата, по завчерашниот земјотрес со јачина од 4,9 степени според Рихтер, сеизмичката активност во централна Евија „опфаќа и повеќе од 100 земјотреси со максимална јачина од 3,5 степени” и не ја исклучуваат можноста за силен последователен земјотрес.
Земјотресот беше регистриран во средата, кусо пред 14.30 часот по локално време, во централниот дел на Евија, а освен на островот, беше почувствуван и во областа Атика, поширокиот регион на Атина.