Сигурно сме против евроинтеграциите кои ги води Османи и бандата на Груби, затшто тие интеграции не одат напред кон ЕУ туку одат напред кон корумпирана власт и одат напред кон власт која не работи во интерес на граѓаните – изјави претседателот на Движењето Беса и градоначалник на Тетово Билал Касами, по прозивките од власта дека е против евроинтеграциите, бидејќи гласањето на уставните измени го условува со одржување на предвремени избори.
Тој порача дека проблемот е во актуелната Влада и евроинтеграциите кои ги водат министерот за надворешни работи, Бујар Османи и првиот вицепремиер Артан Груби. Тоа, како што истакна Касами, е и причината зошто бараат предвремени парламентарни избори.
– Целиот ангажман на групата на ДУИ во Владата е како тие да се збогатат, а не како да се оди понапред со процесот на евроинтеграции. Но за жал нивните усти се полни со евроинтеграции, а во реалноста секојдневно работат да нашите млади бегаат во Европа, а не ние како држава да бидеме интегрирани во ЕУ – рече Касами по денешната последна седница на Советот на Општина Тетово.
Според Касами добар период за вонредни избори е напролет следната година. Лидерот на Беса вели дека дотогаш ќе ги артикулира ставовите во партиските структури, а најави дека се можни и протести доколку нема предвремени избори.
– Како опозиција ги средуваме нашите редови за да од пролет ако нема слух за предвремени избори да го артикулираме незадоволството на граѓаните и ако треба ќе организираме и граѓански протести. Цениме дека оваа влада не се справува најдобро со економската криза, посебно со енергетската криза кога секој ден има покачување на цените, а нема ниту еден случај каде има такво намалување. Ние цениме дека оваа власт е нефункционална и не ги решава проблемите на граѓаните затоа што побрзо треба да се оди на избори – рече Касами.