Министерот за одбрана Милош Вучевиќ изјави дека во текот на ноќта српскиот претседател Александар Вучиќ, при обиколката на воените сили на административната граница со Косово, освен што разговарал со Србите од Косово во гарнизонот Рашка, имал „отворени канали за комуникација” и со претставниците на земјите од Квинта, односно ЕУ и САД, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучевиќ утрово за РТС изјави дека Вучиќ ги информирал Србите од Косово за се што прави Србија за да го зачува мирот и додаде дека тие го информирале Вучиќ за ситуацијата на теренот, со што се соочуваат и зошто морале да одат во „форма на демократски и мирен протест како што се барикадите”.
– Претседателот Вучиќ во исто време имаше отворена линија за комуникација со највисоките дипломатски претставници на Квинта, односно ЕУ и САД, каде што ги пренесе ставовите на Србија и на српскиот народ – рече Вучевиќ.
Тој кажа и дека Вучиќ ја пренел својата решеност да бара политички договор, но дека, тој политички договор „нема и не може” да е натамошното прогонство на Србите на Косово.
– Ако меѓународната заедница… навистина сака сето ова да го врати во форма на дијалог и политички договор, мора да престане со целата серија ирационални потези на администрацијата на Албин Курти – рече Вучевиќ и додаде дека Србите на северот на Косово „не излегле на улица без причина и од досада” и дека тоа се случило поради низа потези на властите во Приштина.
Запрашан за можноста од евентуален конфликт, Вучевиќ рече дека граѓаните на Србија не треба да се плашат.
– Секако дека сите сме загрижени за ситуацијата и каде таа може да оди… мора да разбереме дека, од друга страна, имаме човек кој не секогаш влече рационални потези – рече тој.
Запрашан дали ситуацијата е поблиску до решение, тој рече дека не може да биде „гататра”.
– Србија е подготвена за договор, но тој договор не значи поместување на црвените линии што ги дефинира Србија и тој договор мора да обезбеди сигурност за Србите на Косово… и тоа е услов над сите услови – рече тој.
Наводите во медиумите дека барикади на северот на Косово ги поставува и руската „Вагнер група” тој ги оцени како „глупост и бесмислица”.
Тој повтори дека Војската и полицијата се подготвени да ја заштитат државата Србија и сите нејзини граѓани и изрази надеж дека ќе се постигне политичко решение за Косово.