Во касарната „Илинден“ во Скопје денеска се одржа церемонија за прием на 200 професионални војници во редовите на Армијата на Македонија.
На настанот се обрати министерката за одбрана Славјанка Петровска.
– Силна, опремена и модернизирана Армија, способна да одговори на сите предизвици. Тоа е Армијата на Република Македонија денеска институцијата која ужива најголема доверба кај граѓаните и тоа навистина е огромна чест, но и обврска за сите нас – истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната свеченост во касарната „Илинден“ по повод приемот на нови 200 професионални војници во редовите на македонската Армија.
Министерката на новите војници им порача, да бидат горди што стануваат дел од институција која функционира како едно семејство кое не препознава пол, вера, етничка припадност, институција која е најпочитувана, најценета, институција во која Министерството за одбрана и Генералштабот ќе бидат секогаш со нив.
– Наша задача е да бидете добро опремени, да работите во одлични услови, да имате ново и модерно вооружување, да имате плати кои одговараат на вашиот труд, енергијата и знаење кое го вложувате – рече Петровска.
Петровска додаде дека од денес новите војници зачекоруваат во една институција чиј Буџет континуирано расте, во една професија во која сериозно се инвестира во условите за работа и стандардот на вработените и професија каде од исклучителна важност е развојот на човечкиот потенцијал.
– Од денес започнува вашата обука. Таа ќе биде спроведена од врвни професионалци кои својата кариера ја започнале како вас. Низ кариерата ќе имате можност да учите и од вашите колеги од НАТО сојузничките земји. Ќе учите, ќе соработувате и ќе продолжите да го градите системот на заштита, безбедност и отпорност, систем во кој сите ние земјите членки на најголемата воено политичка алијанса во светот, придонесуваме за глобалната стабилност и безбедност – рече министерката Петровска.
На денешната свеченост по повод приемот на професионални војници присуствуваа и началникот на Генералштабот, генерал – потполковник Васко Ѓурчиновски,, заменик министерот за одбрана Башки Хасани, заменик началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар во Министерството, Владимир Анчев и останати високи претставници од Армијата и Министерството за одбрана .
На јавниот оглас кој беше објавен во септември оваа година првично се пријавија 900 кандидати, а од примените 200 професионални војници, 184 се мажи 16 жени со застапеност од сите етнички заедници.