Кучешка чума позната и како штенечак(Canine distemper) е констатирана кај пет заловени кучиња во Јавното претпријатие „Лајка“, а ова ги натера надлежните да прекинат да заловуваат кучиња од улица во следните 30 дена. Штенечакот ги напаѓа респираторниот, гастроинтестиналниот и нервниот систем кај кучињата и е високозаразна и ризична болест, но може да се излечи ако навреме се детекира. Болеста, сепак не е опасна по здравјето на луѓето.
„Од појавата на првите пет случаи на почетокот на декември, постојано се соочуваме со нов број на позитивни случаи кај нови кучиња, кои пројавуваат симптоми, бидејќи болеста има долга инкубација од неколку недели. Ве информираме дека веднаш по констатирањето на првите случаи, согласно стручните ветеринарните препораки и насоки, преземени се низа превентивни мерки. Протоколот во прифатилиштето е во согласност со ветеринарната пракса и светските практики за управување со прифатилишта од овој тип и во консултација со ветеринарната фела, активисти и претставници на здруженијата за заштита на животни“, соопштуваат од ЈП Лајка и велат дека во моментов претпријатието е во карантин и ги дезинфицира своите простории:
„Превентивни мерки кои се преземаат во прифатилиштето на ЈП ЛАЈКА: Забрана за заловување и враќање на бездомни кучиња во период од 30 дена, поради долгата инкубација на болеста и следствено, опасност кучињата да пројават знаци на болеста веќе откако ќе бидат вратени на локација. Затоа, во периодот од 30 дена во стационарот ќе се прифаќаат само кучиња кои се пријавени за агресивни или кои каснале граѓани“.
Тие апелираат и до другите активисти и прифатилишта да применат слични мерки заштита од оваа болест.
Застојот што ќе се случи поради незаловувањето нови улични кучиња, од ЈП Лајка велат дека ќе биде надоместен во идните месеци.