Експресниот пат од Штип до Кочани конечно е целосно завршен и од денеска е пуштен во употреба. Станува збор за отворање на делница од Крупиште до Кочани во должина од 13,7 километри, откако во 2020 беше пуштен делот од Штип до Крупиште долг 14,3 километри. Со завршувањето на втората делница, вкупната вредност на оваа инвестиција е 46,5 милиони евра.
На официјалното пуштање во употреба на втората делница присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми.
Премиерот, како што може да се види од фотографијата од владината прес-служба, и лично го испроба новиот експресен пат возејќи еден од службените автомобили додека на совозачкото седиште беше министерот Бочварски.
– Со изградбата на експресниот пат се овозможува брзо и современо поврзување помеѓу Штип и Кочани, со што го забрзуваме и олеснуваме патувањето за граѓаните од овој крај. Се намалуваат километрите пат и времетраењето на патувањето, но најважно од сè се зголеми безбедноста во сообраќајот – рече Ковачевски.