Британската полиција почна кампања за предупредување на родителите и наставниците за „тајниот јазик на емотиконите” што го користат тинејџерите во пораки за дрога или секс.
Полицијата успеала да открие некои од значењата. Пораките за секс – тн. „секстинг”, се кријат зад цреша, капки вода, модар патлиџан, праска и слично.
Кај дрогата е покомплицирано. Постојат дури 14 различни цртежи коишто „го шифрираат” канабисот, вклучувајќи детелина со четири листа, лимон, грозје, лубеница, јагода, цреша, ананас, куче, торта, сладолед или колаче. Кокаинот обично е претставен со нос, риба, бензинска пумпа, снешко или снегулка, а пак, екстазата – со ликот на ѓаволот, череп, вонземјанин или чудовиште со пипала. Кетаминот и азотниот оксид (гасот за смеење) се кријат зад ликот на коњ или балон.
Нивото на чистота на наркотикот е прикажано со стегнати тупаници, ракети, молњи, експлозии, пожари и бомби. Дилерите генерално се претставени со црна билијардска топка со бројот 8, слика на око или штекер.
Полицијата предупредува дека голема е веројатноста дека дилерите ја користат истата тактика за да ги поттикнат младите луѓе да купуваат или да станат дел од синџирот на пренос на дрога.
Полицијата во Сари, исто така, откри дека младите најверојатно користат различни цртежи и за различни начини на земање дрога. Така, апчето би претставувало орална употреба, додека шприцот, се разбира – симболизира венско внесување дрога.
Полицијата наведува дека младите го користат овој фигуративен јазик за да ги сокријат разговорите за табу-теми од возрасните, пред сѐ од родителите и старателите. Но, во кампањата беше додадена и смирувачка нота – дека комуникацијата со емотиконите треба да се гледа во поширок контекст, а „душкањето” во телефоните на младите да биде само последно средство за претпазливост.
Најпрво, полицајците на родителите им ја појаснија со симболиката на емотиконите, па и на интернет се објавија и графики со објаснување на скриеното значење на секој од цртежите.
Разбирливо е ако возрасните се загрижени по ваквите предупредувања, кога ќе видат што сѐ користат младите луѓе, но тоа сепак не мора да значи дека тие се вклучени во некакви криминални дејствија. Поради ова, на родителите им е препорачано да го гледаат тоа во поширок контекст и да ги следат другите знаци на можна употреба на дрога, како што се промените на расположението или „опуштањето” со поведението на училиште, како и тоа дали нивните деца станале премногу таинствени…
Полицајците особено нагласуваат дека родителите не треба да „душкаат” по телефоните на своите деца, бидејќи на тој начин, можеби и неповратно, би ја нарушиле довербата.
фото: pixabay.com