Совети од педијатри кои би можеле да им помогнат на родителите и децата кога се во прашање најчестите болести во градинките.
Лекарите често објаснуваат дека е вообичаено децата да ги зафатат болестите во градинка.
„Градинката е одлична почва за вируси, кои ги има навистина многу“, вели д-р Томас Русо, професор на Универзитетот во Бафало во Њујорк, за Yahoo.
Д-р Даниел Ганџијан, педијатар во здравствениот центар „Провиденс Сент Џон“ во Санта Моника, објаснува дека „градинките имаат тенденција да шират многу болести бидејќи децата допираат сè и едни со други, а со тоа шират бактерии“, пренесува Index.hr.
Малите деца не знаат правилно да го дуваат носот, често се одлучуваат да го избришат со рацете или облеката, а хигиената на рацете кај помалите исто така не е најдобра, тврди Ганџијан.
„Децата ќе го допираат носот со прстите, а потоа ќе допираат играчки и други работи во градинката, а потоа и другите деца ќе го прават истото. Тие, исто така, киваат и кашлаат директно на предмети што ги допираат другите деца“, додава тој.
Што можат да направат родителите?
Лекарите препорачуваат родителите да се потрудат да се обидат да ги гледаат болестите во градинките на добрата страна.
„Така децата го градат својот имунолошки систем“, вели Ганџијан, но додава дека е повеќе од разбирливо колку е фрустрирачко да се справувате со постојаните болести кај детето и отсуството од градинка, особено за вработените родители.
Русо објаснува дека, иако не можете да спречите инфекции, како родител можете да направите некои работи за барем да ја намалите веројатноста вашето дете да „закачи“ каков било вирус што ќе се појави во градинка.
Може да се обидете да го направите следново за да го намалите ризикот од болест за вашето дете и остатокот од вашето семејство:
– капете го детето кога ќе дојде од градинка
– смени ја облеката
– измијте му ги рацете
– научете го на правилна хигиена
Иако звучат како банални и едноставни работи, ова се начините кои педијатрите ги истакнуваат како пресудни за намалување на ризикот од болести од РСВ, цревни вируси, стрептококи и сите други болести кои се многу чести во градинките.
Никогаш не праќајте дете со симптоми на болест во градинка“, советуваат педијатрите.
Покрај тоа, Ганџијан ги советува сите родители да обрнат големо внимание на одредени симптоми за да можат брзо да реагираат доколку детето се разболи. Во случај на треска, дијареа, повраќање, слабост или било кој друг симптом кој може да укаже дека детето е болно, педијатарот нагласува дека родителите не треба да го праќаат во градинка.
„Знаеме дека е доста тешко за вработените родители кои немаат друга помош кога е во прашање грижата за нивните деца и не смеат да пропуштат работа, но сепак здравјето на детето е на прво место. Исто така, секое испраќање на потенцијално болно дете во градинка сериозно ги загрозува другите деца во групата и за жал многу родители често не размислуваат за ова“, објаснува педијатарот.