Британскиот новинар Џереми Кларксон морал да се извини за колумната што ја напиша за „Сан“ за Меган Маркл.
Колумната крена голема прашина бидејќи Кларксон бил многу сликовит во опишување на својата омраза кон војвотката од Сасекс. „Би-би-си“ пишува дека до регулаторното тело „ИПСО“ пристигнале повеќе од 6000 поплаки за спорниот текст, а истиот на крајот морал да биде избришан.
Кларксон не се ни обидел да го прикрие анимозитетот кон Маркл, а одредени делови од текстот се навистина непријатни и премногу остри.
„Ноќе не можам да спијам додека лежам во кревет, чкрипејќи со забите и фантазирајќи за денот кога таа ќе биде натерана да парадира гола на улиците на секој британски град додека толпата ѝ скандира „срам“ и ја гаѓа со измет“, напишал новинарот, алудирајќи на познатата сцена од серијата „Game of Thrones“.
Во написот додал и дека Маркл ја мрази повеќе од озлогласениот сериски убиец Роуз Вест, која во текот на 70-те и 80-те години на минатиот век мачела и убивала бројни млади жени.
По бурата која ја предизвика колумната, Кларксон јавно се извинил на Твитер.
„Во колумната која ја напишав за Меган, се осврнав на сцената од „Игра на тронови“, што беше непримерно и на многумина не им се допадна. Ужаснат сум од тоа што предизвикав толкава болка и во иднина ќе бидам повнимателен“, напишал Џереми.