Холивудската суперѕвезда Том Круз им се заблагодари на обожавателите што го гледаа „Топ Ган: Маверик“, на најдобар можен начин со скокање од авион. Актерот во моментот се наоѓа во Јужна Африка каде ги снима новите делови од „Невозможна мисија“, а на обожавателите им испрати порака во свој стил.
„Не сакав годината да заврши без да ви се заблагодарам што дојдовте во кината и го поддржавте „Топ Ган: Маверик“, извикал додека седел на работ од авионот.
„Каде застанав? О да. Ви благодарам што го поддржувавте „Топ Ган: Маверик“ и ви благодарам што ни дозволивте да ве забавуваме. Тоа ми е навистина животна чест“, рекол тој, додавајќи дека губи на висина и дека е подобро да се врати на работа,
До него седел Кристофер Мекквари, сценаристот на „Топ Ган: Маверик“ и режисер на новите продолженија на „Невозможна мисија“, кој се пошегувал со Круз дека неговата порака треба да биде кратка за да можат да го снимат кадарот.
„Ви посакувам безбедни и среќни празници. Се гледаме во кината“, рекол Круз додека летал низ африканското небо.
Да потсетиме, новиот „Топ Ган“ е најуспешниот филм на Круз, кој го лансираше на самиот врв на листата на најплатени актери во 2022 година.
ФОТО: Твитер