По повод 101 година од раѓањето на кодификаторот на македонскиот литературен јазик Блаже Конески, делегација од Општина Прилеп, предводена од градоначалникот Борче Јовчески, претставници од прилепскиот „Завод и Музеј и ученици од основните училишта од градот, ја посетија родната куќа на Конески во селото Небрегово.
Аманетот на Блаже Конески не задолжува да го чуваме и да го негуваме македонскиот јазик, зашто тој е, како што рекол Конески „нашата татковина”, порача прилепскиот градиначалник Јовчески при обраќањето во родната куќа на великанот Конески во Небрегово.
– Со посетата на спомен-домот на Блаже Конески во Небрегово се вклучуваме во одбележувањето и чествувањето на 101 година од раѓањето на великанот на македонската култура, јазик и книжевност. Нашиот Блаже Конески бил првиот претседател на МАНУ, член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго, Лоѓ и добитник на многубројни награди низ светот. Поетската мисла на Конески е преведена на многу светски јазици и е најголем амбасадор на македонската книжевност ширум светот. Затоа изразувајќи ја мојата длабока почит како градоначалник на Прилеп од каде што се корените на Блаже Конески, испраќам порака дека неговиот аманет не задолжува да го чуваме и негуваме македонскиот јазик затоа што како што кажал Конески „Тој е нашата единствена татковина – истакна Јовчески.
Родната куќа на Конески претставува значаен споменик на македонската културата и ѝ припаѓа на руралната архитектура, посочија претставниците од прилепскиот „Завод и Музеј”.
Учениците одржаа пригодна програма, посветена на великанот Конески. Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во с. Небрегово.