Токму кога македонската јавност се шокира со секојдневни откритија на кардинални грешки во учебниците за основно училиште, каде Мон Еверест е висок 22 километри, Албанија е наш источен сосед, а шпанското знаме е знаме на Португалија, дознаваме дека ништо помалку склони на грешки не се ни официјалните државни органи.
По повод веста за скандал во едно велешко училиште, вчера на повеќе телевизии во стоп-кадар стоеше официјалната табла на велешката полиција, двојазична, на македонски и на англиски јазик, на која во англискиот превод зборот „внатрешни“ е напишан како INTEPIOR, односно наместо латинично „R“ напишана е „Р“ на кирилица.
Освен тоа, описот „Полициска станица од општа надлежност“, мошне незграпно е преведен како „Police station of general competence“. Зборот „competence“ во англискиот повеќе одговара на нашето „стручност“, „квалификуваност“ отколку „надлежност“.
Како што гледаме, целата табла е прилично „стручно“ направена. Прашање е само кој е задолжен да ги проверува ваквите печатни, лекторски или смисловни грешки на официјалните државни табли и кој е „компетентен“ да ги отстрани?