Српската Влада донесе одлука да испрати формално барање до КФОР за враќање на одреден број, од стотици до илјада припадници на полицијата и армијата на Косово, изјави вечерва претседателот на Србија, Александар Вучиќ, објавија српските медиуми.
– На владината седница беше донесена одлука вечерва во електронска форма, а утре изутрина на административниот премин, началникот на Генералштабот на командантот на КФОР ќе му го предаде нашето барање, дека согласно резолуцијата 1244, извесен број на воен и полициски персонал од стотици до илјадници треба да се врати на територијата на Република Косово – изјави Вучиќ.
Тој вели дека одлуката била донесена едногласно и дека бараат само почитување на меѓународното јавно право и ништо повеќе.
– Тоа би ги намалило тензиите – изјави Вучиќ на РТС и додаде дека очекува барањето да не биде прифатено, врз основа на пораките дадени изминатите денови од меѓународните претставници.
Белград донесе одлука да испрати припадници на своите безбедносни сили како реакција на зголеменото присуство на косовската полиција на северот на Косово. Пред еден месец, Србите од северот на Косово ги напуштија косовските институции.
Вучиќ посочи дека во еден од членовите на француско-германскиот предлог стои дека Србија нема да се противи на членството на Косово во ниту една меѓународна организација.
– Не можеме да сметаме на фер третман – изјави Вучиќ.
Премиерот на косовската влада Аlбин Курти денеска во Прага поднесе барање за членството на Косово во ЕУ.