Рускиот претседател Владимир Путин политиката на Европската унија (ЕУ) за цените на гасот ја нарече лудило и ги отфрли сите обвинувања против Русија во врска со ова прашање.
На состанокот на Советот за стратешки развој и национални проекти, Путин ги обвини западните земји дека и објавиле економска војна на Русија.
„Колективно, Западот не нападна со економска војна“, нагласи Путин, истакнувајќи дека западните земји погрешиле во пресметувањето дека руската економија ќе пропадне како резултат.
Путин рече дека Русија се соочува со „невидена агресија преку санкции кои имаат за цел брзо да ја уништат економијата на земјата со предизвикување колапс на руската валута, рубљата, крадење девизни резерви и предизвикување деструктивна инфлација“.
Тој додаде дека Москва има намера да го преориентира снабдувањето со енергија на нови, брзорастечки пазари, како што се Азија, Блискиот Исток, Латинска Америка и Африка.
„ЕУ продолжува да ги троши нашите стоки и услуги, задржувајќи го протокот. Таквата нерамнотежа не може да продолжи бесконечно. Што треба да правиме? Ќе бараме други, поперспективни партнери во активно растечките региони на светската економија. Тоа се Азија, Блискиот Исток, Латинска Америка, Африка“, рече Путин.
Тој го наведе Истокот како фокус за преориентирање на рускиот гас.
„Важен чекор за намалување на влијанието на санкциите и другите непријателски дејствија против Русија ќе биде развојот на пристаништето и гасоводна инфраструктура на југ и исток, вклучително и зголемување на извозот на природен гас. Спроведувањето на вакви проекти ќе овозможи зголемување на испораките на гас на Исток на 48 милијарди кубни метри до 2025 година, а на 88 милијарди до 2030 година“, рече Путин.