Не е време за милитаризација туку за преговори, а Србија не треба да ја враќа војската на Косово. Србија и Приштина не се приоритет, туку целиот Западен Балкан. Здружувањето е неопходно, бидејќи „иднината ќе ви биде подобра во интеграциите, отколку преку разделување” рече заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, во интервју за белградската Н1 по средбата со претседателот Александар Вучиќ и Мирослав Лајчак вчера во Белград.
– Не треба да ја милитаризираме оваа криза. Ова не е моментот да се користи војската, ова е моментот да се користи дипломатија, дијалогот и компромисот, како и имагинација, за да се замисли што носи иднината на регионот – рече Ескобар.
Тој истакна дека изјавата „Косово има безбедносни гаранции од САД” не е закана за Србија и дека овие гаранции важат и за Србите во северна Митровица. „
– Нема да дозволиме никој од Косово да ѝ се заканува на Србија и не сакаме закани за безбедноста и стабилноста на северно Косово – рече Ескобар.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Ескобар порача дека „постојат елементи на оптимизам” во поглед на решавање на кризата на Косово, притоа не сакајќи да навлегува во детали на денешните разговори.
Тој рече дека САД очекуваат барикадите на граничните премини да бидат отстранети откако беа поставени во сабота. Рокот за отстранување на барикадите не е одреден, но очекува тоа да се направи „во блиска иднина, односно за неколку дена”. Истото важи и за враќањето на Србите во косовските институции.
Во приказната за Србија и Косово, приоритет е да се најде решение за целиот регион, а не само за тие две области, порача Ескобар.
– Западен Балкан е важен дел од евроатлантската заедница, но не е дел од официјалните структури – смета Ескобар.
На прашањето да го објасни заедничкиот настап на земјите од Западен Балкан во сегашните услови во кои Србија не го признава Косово, тој одговори:
– Наместо да се расправаме за издавање државни документи, ајде да разговараме за отстранување на потребата од некои од тие документи. На пример, да има зона за слободна трговија за целиот регион. Да се отвори компанија во Црна Гора и потоа да работите на целиот Западен Балканот. Има можност да се искористи оваа криза за да се најдат вистински решенија за тукашните граѓани, смета Ескобар.
Иднината на двете нации Ескобар ја гледа во ЕУ, што според него ги подразбира „Берлинскиот процес, Отворениот Балкан и сите регионални можности. Тоа ќе ја реши оваа криза и ќе создаде поголеми можности за регионот”.
Тоа, според него, подразбира Србија да го признае Косово.
– Став е дека земјите од регионот мора меѓусебно да се признаат и да имаат јасен пат кон Европа. Овој регион има подобра иднина заедно отколку одвоено. Ќе имате подобра иднина во интеграцијата отколку преку раздвојување. Благодарение на можностите што ги дава заедничкиот пазар, ќе станете најбрзо растечки регион во Европа. Луѓето од Балканот одат во ЕУ и Америка во потрага по работа, а треба да останат тука. Интеграциите и економијата се вистинското решение – рече Ескобар.