Исто како миењето на забите или миењето на лицето, секојдневното нанесување на дезодорансот е нормална рутина која е вклучена во основите на хигиената. Сепак, оваа одлука повеќе се заснова на лични или социјални преференци, а не на медицински, предупредуваат дерматолозите.
„Луѓето се чувствителни на мириси. Секогаш користат разни парфеми за да го прикријат мирисот на телото, но тоа не може да се спореди со миење заби бидејќи истражувањата покажуваат дека редовното четкање го продолжува животот“, вели д-р Нина Бото, дерматолог од Универзитетот во Калифорнија.
„Живееме во општество каде мирисот на телото не е прифатен, а дезодорансот е дел од нашата секојдневна хигиена. Дополнително, се разви стигма околу потењето, па антиперспирантите станаа популарни“, вели д-р Џошуа Цајхнер, професор по дерматологија, за CNN.
Дезодорансите го неутрализираат мирисот на телото, а антиперспирантите го спречуваат или намалуваат потењето. Често се работи за еден ист производ.
Добрите и лошите страни на дезодорансите
Потта има своја цел. „Се потиме за да ја контролираме температурата на нашето тело. Но, понекогаш претерано се потиме. Самата пот е без мирис, но бактериите кои се акумулираат на кожата во контакт со потта создаваат непријатен мирис“, објасни Цајхнер.
Доколку поради оваа причина користите антиперспиранти, најдобро е да ги нанесувате навечер бидејќи навечер помалку се потиме.
Меѓутоа, ако не се потите претерано, целосното прекинување на потењето со антиперспирант не е многу добра идеја бидејќи ризикувате прекумерно потење на други делови од телото, објаснува експертот.
Меѓу другото, начинот на кој се храните влијае на мирисот на потта, односно на здравјето на дигестивниот систем.
Доколку избегнувате антиперспиранти затоа што се грижите дека содржат штетни материи или дека можат да предизвикаат рак, експертите истакнуваат дека тоа не е научно докажано.
Како да преживеете без дезодоранс?
Некористењето дезодоранс има свои добрите и лошите страни, се зависи од тоа што вие и луѓето околу вас мислите за природниот мирис на телото.
Треба да се запомни дека ако одеднаш престанете да користите дезодоранс, мирисот на вашето тело ќе се зголеми со текот на времето.
За да ги избегнете непријатните мириси на телото, најважно е да се туширате секој ден, објаснуваат експертите. Посебно треба да се концентрирате на пределот на лицето, пазувите и гениталиите бидејќи таму луѓето се потат повеќе отколку на другите делови од телото.
Доколку забележите необичен мирис, тоа може да значи здравствен проблем, па во тој случај консултирајте се со доктор.
Други методи кои можат да помогнат да се спречат непријатните мириси, без употреба на дезодоранси, се носење широка, памучна облека и користење антибактериски средства за перење.