Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков денеска присуствуваше на свеченото отворање на Дневниот центар за деца со церебрална парализа, кој започна да функционира во простории на поранешната касарна.
Во своето обраќање пред присутните градоначалникот потенцираше дека Општина Охрид дава силна поддршка на процесот на обезбедување на подобри услови за лицата со посебни потреби и нивна поголема инклузија во општествените текови.
– Искрено се радувам што преку вистински дела покажуваме дека имаме слух, волја и желба да ги поместиме границите и да ги надминеме пречките. Горд сум што дел од моите заложби за обезбедување на подобри услови за сите категории на граѓани во нашата општина, преку овој денешен настан стануваат реалност.
Чест ми е, што денес го отвораме првиот Дневен центар за згрижување на деца со церебрална парализа во Општина Охрид. Со ова правиме еден значaен чекор во подобрување на перцепцијата, надминување на предрасудите за поголема инклузија на лицата со посебни потреби и обезбедување на услови кои ќе им го разубават животот и ќе им го олеснат секојдневието на нивните најблиски. Навистина ми е драго што конечно овие дечиња ќе добијат катче за социјализација и дружење и дека конечно ќе излезат надвор од изолацијата на своите домови.
Отворањето на оваа инклузивна игротека претставува прва фаза од старешката цел на општина Охрид, а тоа е отварање на Центар за лица со попречености каде на едно место ќе се обединат сите дневни центри и нивната работа ќе се постави институционално.
Општина Охрид од првиот ден на мојот мандат даде силна поддршка на овој процес и тука особено сакам да го истакнам залагањето и посветеноста на Здружението на граѓани ВООПС од Охрид кои несебично се вложија во реализацијата на овој проект. На нивно барање, Советот на општина Охрид донесе одлука, со која им го додели овој простор и оттогаш практично започнаа активностите за неговото уредување.
Реформата која како општина ја воведовме во областа на финансирањето на невладините организации и станавме дел од RELOAD програмата заедно со УНДП, овозможи нашите невладини организации да може да аплицираат со проекти и да добијат средства со кои би можеле да направат позначителни инвестиции во различни области.
Токму оваа инклузивна игротека е производ на нашиот заеднички пристап и желба за решавање на проблемите од овој вид. Тука се заблагодарувам на УНДП што во општина Охрид и во Здружението на граѓани ВООПС од Охрид видоа партенер за реализација на овој проект.
Со денешниот настан ја завршуваме првата фаза од реализацијата на нашата замисла. Стручните служби на општина Охрид и Здружението на граѓани ВООПС, на повикот на Министерството за труд и социјална политика доставија апликација за воспоставување на дневен центар за лица со попречености на територијата на општина Охрид. Замислено е на едно место да се оформи центар по сите стандарди, со потребните стручни лица во него, со што значително ќе се олесни животот на лицата со посебни потреби и нивните семејства. Планираме во скоро време и Дневниот центар Зраци да го префрлиме на оваа локација со што ќе им овозможиме посоодветни услови и на лицата кои се згрижени таму.
Многу е значајно да разбереме дека обезбедувањето на простор во кој лицата со посебни потреби ќе имаат подобар живот, не е привилегија за нив, тоа е една неопходност преку која ќе можат полесно да ги совладаат сите предизвици, со кои се соочуваат на патот кон остварување на нивните права.
Убеден сум дека преку заедничка работа и посветеност ќе ги оствариме нашите замисли и дека Охрид ќе биде пример за инклузивна општина која помага и овозможува подобри услови за сите нејзини граѓани особено за ранливите категории. Посакувам успешна работа на центарот и многу заеднички проекти, истакна градончалникот Кирил Пецаков во своето обраќање.
Од страна на здружението на граѓани ВООПС и претставниците на УНДП беше искажана голема благодарност до градоначалникот и Општина Охрид за отстапениот простор и целокупната поддршка. Исто така беше искажана благодарност и до сите општествено одговорни фирми и поединци кои помогнале за опремување на просториите.