Владиното мнозинство денеска во Собранието одби еден многу важен Предлог-закон кој беше предложен од страна на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, а тоа е предлогот ДДВ за потрошена електрична енергија да остане 5 отсто, а не да се зголеми на 18 отсто како што предвидува Владата – изјави Љупчо Пренџов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
– Ова е срамота, затоа што сите владини претставници и сите пратеници од страна на владиното мнозинство кога го намалувавме ДДВ за електрична енергија на 5 отсто велеа дека тој ќе трае се додека трае кризата. Кризата не се намали, не исчезна, туку напротив се зголеми. И во време на уште поголема криза тие се однесуваат како да не се од тука и цената за електрична енергија се покачува за дополнителни 5 отсто од 1. јануари 2023 година. Остро протестираме против тоа и остро протестираме на претставниците во овој дом не ги штитат интересите на оние кои што ги бирале, туку ги штитат интересите на оние во Илинденска – рече Пренџов.
Тој информираше дека исто така е одбиен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за викенд без ДДВ, каде што граѓаните ќе можеа да пазарат основни прехранбени намирници во текот на викендите без данок.
– Тие се две решенија за кои што, едноставно, Владата нема слух, не е заинтересирана за помош на граѓаните и директно го покажува своето вистинско лице. Пред секои избори, на секоја прес конференција, декларативно, на зборови, се грижат за интересите на граѓаните, а де-факто и на дело го прават спротивното – рече Пренџов.
Собранието на денешната седница не го усвои предлогот на дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ по скратена постапка да се носи предлог-законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк. Со овој предлог, пратениците бараат износот на субвенција за студентскиот оброк да се зголеми од 120 на 160 денари.