Од дневниот ред на 95-тата седница на Собранието е тргната точката што се однесува на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести на барање на пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ, која образложи дека овој предлог на закон е двосмислен, непрецизен, избрзан и со злоупотреба на европско знаменце. Нејзиниот предлог беше прифатен од мнозинството пратеници и беше тргната од дневниот ред.
Со предлог-измените на Законот за заштита на населението од заразни болести се предвидува во случај на епидемија да биде забранет влез во затворена просторија на лица што не се прележани или не се вакцинирани од одредена болест.
– Овој предлог е мошне сериозен затоа апелирам да нема играње, да нема брзање со ваков предлог на закон и да се злоупотребува притоа европсктоо знаменце. Тврдам дека ова е класична злоупотреба на европско знаме. Ако сакате нешто да усогласите, усогласете го на една страна. Матична комисија за овој закон треба и мора да биде Комисијата за здравство. По однос на ваков предлог на закон мора да се организира јавна расправа, да се отвори широка дебата, да се прашаат експертите, нагласи Стојаноска.
Пратеникот од СДСМ Јован Митрески рече дека овој закон е поврзан со европското право, но, како што рече, треба дополнителни консултации и дообјаснување на определени членови од законот бидејќи треба да се имаат предвид стручниот, здравствениот дел и почитувањето на правата на граѓаните според Уставот.
– Затоа, сакам да ги повикам членовите и замениците на Комисијата за здравство, но и на Законодавно-правната комисија да го имаат ова предвид, да седнат на заеднички состанок и да договорат и од стручен и здравствен аспект, но и од аспект на почитување на Уставот,
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ангелинка Петкова побара предлог-законот за изменување на Законот за социјална заштита по скратена постапка предложен од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да се стави на разгледување на 95-та седница. Овој закон, како што кажа, се однесува за остварување право на личен асистент за лицата над 65 години со тешка попреченост и потполно слепи лица. Предлогот на пратеничката беше прифатен.