Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција рече дека нема да ги прими приватните автобуски превозници на средба затоа што, како што вели тој, „не држи состаноци под уцени и притисоци“.
За претседателот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, рече дека бил дел од кампањата на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и дека ВМРО-ДПМНЕ секојдневно излегува со соопштенија во кои вината ја префрла на грбот на власта.
– Како прво, се заканија во соопштение дека ако немаат состанок со претседателот на Владата, ќе ги радикализирале протестите Јас сум човек кој што би се сретнал со секој, меѓутоа не под притисок и не под уцена, изјави Ковачевски.
Додаде дека прво што очекува од превозниците е да ги ослободат улиците од блокадите за да може да функционира главниот град.
– Второ, на тој состанок треба да бидат и надлежните од Град Скопје за да видат дека ние немаме надлежности за јавниот превоз. Се работи за должничко-доверителски работи помеѓу приватни здруженија и јавно претпријатие под Град Скопје, рече Ковачевски.
Додаде дека состанок би можело да има само на основа на факти и дека Данела Арсовска била кај него на средба но како претседателка на ЗЕЛС.