Бевме напаѓани поради цените на нафтените деривати, па дури јас бев залепен на плакати низ Скопје и се чувствував дека сум најголем криминалец во државата, рече денеска првиот човек на Регулаторната комисија Марко Бислимовски.
– И тогаш кажував дека тоа се лажни вести. Изминатите две-три недели, пред сѐ поради паѓање на цената на нафтените деривати на светските берзи, како и намалување на курсот на доларот, РКЕ ја намали цената на нафтените деривати за повеќе од 30 денари. Тој тренд продолжува и денес – истакна Бислимовски.
Инаку, од вечерва на полноќ ќе има ново намалување на горивата. Дизелот и бензинот со 95 октани поевтинуваат 1,5 денари, а бензинот од 98 октани ќе се намали за 1 денар.
Новата малопродажна цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 76 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 78,5, ЕУРОДИЗЕЛ за 78 денари.