Изборот на шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција е сосема законски, но тоа што мене како граѓанин прво ме поразува е немањето интегритет кај обвинителите да одлучуваат независно, изјави вицепремиеката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска во вечерашното гостување на емисијата Топ Тема.
– Како Влада сме овозможиле предлог на закон кој што поминал во Собранието и со кој што се овозможило на тајно гласање обвинителите да го изберат првиот човек на обвинителството за организиран криминал. И ние се доведуваме во ситуација, се соочуваме со обвинители кои се плашат, дека и покрај тоа што гласаат тајно некој може да дознае. Ние ако сакаме да имаме успех во борбата против корупција мора да направиме коалиција на луѓе со интегритет во сите области, во сите институции – рече Грковска.
Таа нагласи дека солидарноста внатре во фелата, во обвинителството, во судството, мора да престане.
– Повикувам на индивидуална одговорност, не прифаќам колективна одговорност. Ако сакаме подобрување на системот, на општеството во кое живееме, мора да имаме индивидуална одговорност. Ние имаме обврска да ги детектираме слабостите на системот, да обезбедиме решенија и да го направиме системот отпорен на корупција со луѓе со интегритет во сите сфери на општеството – оцени Грковска.
Таа истакна дека има свој став за предлогот за унапредување на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески и не се согласува тој да биде уставен судија.
– Како републички јавен обвинител она што требаше да го постигне на таа позиција не го постигна и не гледам причина зошто понатаму би имал можност да продолжи со кариерата како уставен судија – посочи Грковска.