За долговите што ги прави дома државата плаќа високи камати, кои се повисоки и од каматите на задолжувањата преку еврообврзници во изминатиот период. Последното нејзино задолжување кај домашните кредитори од почетокот на месецов е со каматна стапка од 5,2 отсто.
Станува збор за државна обврзница со рок на враќање од 15 години со износ од 5,7 милиони евра (352.430.000 денари).
Споредено со каматната стапка на државното задолжување на домашниот пазар од пред 11 месеци, ова е двојно повисока каматна стапка.
Според податоците на Народна Банка, во јануари државата се задолжуваше со каматна стапка од 2,6 отсто, а како што Народна банка ја затегнуваше политиката во борба со инфлацијата растеа и каматните стапки на државното задолжување кај банките и фондовите. Во мај каматната стапка на државните обврзници порасна на 3,01 отсто, во јуни на 4,2 отсто, додека пак во октомври државното задолжување на домашниот пазар изнесуваше 4,4 отсто. Последните две задолжувања на државата кај домашните кредитори е со каматна стапка од 5 односно од 5,2 отсто.
Вакви високи каматни стапки државата плаќаше и во 2014 година, се разбира ако не се земат предвид каматните стапки кои државата на домашните кредитори им ги плаќаше од 2005 година, кога каматата изнесуваше 10 отсто или за време на финансиската криза кога државата плаќаше каматни стапки кај домашните кредитори од 8 до 8,5 отсто.
За споредба каматните стапки на еврообврзниците кои земјава ги земаше изминатиот период се движат од од 3,6 до 5,6 отсто.
Од почетокот на годинава до 1 декември државата на домашниот пазар се задолжи со вкупно 9,4 милијарди денари односно со повеќе од 153 милиони евра.
Познавачите на состојбите велат дека државата ќе се соочи со уште повисоки каматни стапки на новите задолжување, бидејќи во странство веќе не може да се најдат поевтини кредити.
– Ваквата состојба се должи пред сè на проценките на ризиците на банките дали државата ќе може да ги отплаќа задолжувањата во наредниот период, но и на реакцијата на банките на зголемената основна каматна стапка од страна на Народната банка. Посебно, овој раст на каматите е последица на тоа што растат каматите и на глобалните финансиски пазари, па владата многу потешко има можност да зема заеми и принудена е да се задолжува преку подолгорочни обврзници на домашниот пазар. Во иднина се очекува земањето заеми во странство да биде уште потешко – вели економистот Маријанчо Николов.
Според него, државата во иднина ќе мора да внимава на задолжувањето бидејќи може да се доведе во состојба да не може да ги отплаќа кредитите.
– Треба да се намалат непродуктивните трошоци за да се овозможи намалување на дефицитот во буџетот, кој главно се користи за покривање на задолжувањата. Според плановите во Буџетот за следната година се планирани 1,2 милијарди евра за отплата на долговите. Голем е износот наменет за отплата на каматите на земените кредити во странство, како и оние на домашниот пазар преку државни обврзници. Сето тоа говори дека сè повеќе се задолжуваме, а нема од каде да земеме кредит со кој ќе ги платиме долговите – вели Николов.
И поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека она што владата не може да го добие како кредит во странство сега го зема преку домашно задолжување.
– Каматите на обврзниците ќе растат и во наредниот период, бидејќи веќе нема каде во странство да се задолжуваме. Дури и последниот кредит од ММФ, кој е со рок од 2 години, нема да може да го вратиме и ќе треба да се задолжиме повторно, а по кои камати ќе биде тоа, не се знае, бидејќи веќе никој не верува на држава која е презадолжена – вели Хајредини.