Германската полиција утринва спроведе голема операција против десничарските екстремисти кои планирале да упаднат во Бундестагот и да извршат државен удар, пишува магазинот Шпигел, повикувајќи се на извори.
Специјалците дејствуваат истовремено во единаесет сојузни држави. По налог на германскиот јавен обвинител и Федералната канцеларија за криминалистичка полиција (БКА), приведени се 25 мажи и жени кои или биле членови на десничарска терористичка организација или ја поддржувале.
Претресите се извршени и сè уште траат во повеќе од 130 домови, канцеларии и други простории.
Осомничените, планирале „вооружен напад врз Бундестагот и приведување политичари“. Полицијата претпоставила дека е можно дел од од безбедносните сили да се солидаризираат со терористичката група, што можело да доведе до „државен удар“.
Специјалната операција ја потврди и германското државно обвинителство. Тие истакнаа дека меѓу уапсените има и државјанин на Русија. Истовремено, одделот нагласи дека немаат причина да веруваат дека руските претставници ги поддржувале заговорниците на државниот удар.