Директорите на државните институции кои не плаќале сметки за струја ќе бидат повикани на одговорност, потврди денеска и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
-Имаше состанок вчера, ќе има и денеска состанок на Енергетскиот совет во Владата, по седницата на Владата. Тоа што го кажаа премиерот и министерот, ќе го повторам и јас – ќе се повикаат на одговорност сите што се однесувале неодговорно – рече Битиќ во одговор на прашање пред почетокот на Тркалезната маса за Програмата за поддршка на конкурентноста на малите и средните претпријатија.
Прашан дали државата ќе има пари да ги покрие долговите за сите, тој рече дека меѓу останатите приоритети може да се најде и подмирувањето на долговите.
-Ќе видиме затоа што е крај на година и секако дека има приоритети. Приоритет е зачувување на ликвидноста на приватниот сектор, зачувување на секое работно место, грижа за сите најранливи категории на граѓани. Обезбедување на електрична енергија и подмирување на долговите можено е да е една од опциите онолку колку што дозволува Буџетот – рече Битиќи.