Пред пет години беа потребни 4,25 минимални плати за да се покрие една потрошувачка кочничка, а денес кошничката може да се покрие со две минимални плати, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Според него, поскапувањата на храната и енергенсите се резултат на дисбалансот што го предизвика руско-украинската криза.
Земјава, сепак, како што напомена премиерот, има најниски цени и на енергенсите и на храната во однос на останатите држави во регионот.
– Кога зборуваме за синдикалната кошничка, би се вратил малку назад. Имавме синдикална потрошувачка кошничка која беше скоро 36.000 денари, а пред пет години минималната плата беше 9.000 денари. Тогаш беа потребни 4,25 минимални плати за да се покрие една потрошувачка кочничка, а сега, прв пат во истроијата на државата, со новата Одлука за зголемување на минималната плата на 18.000 денари за сите работници, со две минимални плати се покрива синдикалната потрошувачка кошничка. Точно е дека има зголемени трошоци и на храната и на енергенсите, но тоа се должи на најголемата криза што ја памти Европа во поново време. Руско-украинскиот конфликт направи комплетен дисбаланс во снабдувањето и во цените на прехранбените производи, на енергенсите, полуфабрикатите и суровините кои се тргуваат на нивот на Европа – нагласи премиерот, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со членовите на Сојузот на здруженијата на пензионери.
Тој посочи и дека просечната месечна пензија на крајот на минатата година изнесуваше 15.876 денари, а на крајот на 2022 година проекциите се дека ќе биде околу 17.300 денари.
– Минатата недела преку отворен дијалог со пензионерите обезбедивме континуиран раст на пензиите, а со тоа и на нивниот животен стандард и квалитетот на живот. Го прифативме моделот на Сојузот на здруженија на пензионерите што го предложија како нова методологија за континуиран раст на пензиите. Она што го ветивме низ дијалогот со пензионерите го реализираме во најбрз можен рок и ќе почне да се применува со септемвриската пензија. За тоа говорат и делата, а денеска слушнав и други конструктивни предлози кои се од интерес на пензионерите и ќе бидат разгледани со ресорните министерства – рече Ковачевски по средбата.
Новата методологија, како што кажа, ќе овозможи пораст на пензиите и во наредните години без никакви влијанија.
– Соработката со Сојузот на здруженија на пензионерите и со сите релевантни општествени чинители за нас како Влада е од голема важност, бидејќи заедно во консултации со нив ги носиме одлуките. Таквите одлуки секогаш се многу подобри отколку кога се носат еднострано – потенцира Ковачевски.
Трите илјади денари директна финансиска помош за речиси 330 илјади пензионери од по 1.000 денари со мартовската, априлската и пензијата во мај, како што кажа, ќе се исплаќаат од Пензискиот фонд кој е во добра кондиција. Порача дека во 2022 година заедно со финансиската помош пензионерите во просек годишно ќе имаат повеќе по околу 12.000 денари во споредба со 2021 година.
– Во март и во септември во иднина ќе се прави новото усогласување на пензиите зашто Државниот завод за статистика тогаш ги обвјавува официјалните податоци за растот на просечната плата – рече Ковачевски и додаде дека Владата веднаш ќе почне се примена на новата метода, а пензионерите своите покачени пензии ќе ги добијат од септември годинава.