Војната што ја почна рускиот претседател Владимир Путин не е резултат, туку е причина за проширувањето на НАТО, изјави Лојд Остин, министер за одбрана на САД.
– Русија не беше испровоцирана. Русија не беше под закана. Русија не беше нападната. Наместо тоа, еден човек избра војна. И војната на Путин не е резултат на проширувањето на НАТО. Таа е причина за ширењето на НАТО. И сега, поради копнежите на Кремљ по една исчезната империја, Европа се соочува со најлошата безбедносна криза по крајот на Втората светска војна – изјави Остин на Реган форумот за национална одбрана што викендов се одржа во Сими вали, Калифорнија.
Тој истакна дека како членка на Советот за безбедност на Обединетите Нации, Русија „води војна да лиши од демократија 43 милиони луѓе”.
– Војната на Путин на сите им даде на увид за светот на тиранијата и превирањата во кои никој не сака да живее – додаде тој, велејќи дека сојузниците од НАТО го засилиле источното крило, а САД го зголемиле вкупниот број свои војници распоредени во Европа од 80.000 на повеќе од 100.000
Додека Џо Бајден и Владимир Путин изразија подготвеност да седнат на преговарачкото столче двете земји имаат различни видувања за она што треба да биде исполнето. Русија, на пример, бара прво САД да ја признаат анексијата на регионите во јужна Украина пред започнување на било какви разговори. Истовремено, Русија се противи да ги повлече своите војски од Украина, едно од барањата на Западот.
Во моментов „нема дипломатско решение” за војната во Украина, изјави денеска Ирина Чербакова, коосновач на руската невладина организација за човекови права Меморијал, која беше распуштена од руските власти.
– Апсолутно сум убедена дека нема дипломатско решение со режимот на (претседателот Владимир) Путин, сѐ додека тој сѐ уште е таму – рече Чербакова, која ја напушти Русија по инвазијата врз Украина и моментално престојува во Германија, во Хамбург.
Според неа, засега единствено решение е воено, иако дипломатијата може да има значајна улога во решавањето на конфликтот.
– Дипломатијата може да интервенира дури откако Украина ќе оцени дека победила во војната и дека војната може да запре – рече руската активистка и оцени дека повиците за мир сега се предвремени и „детски”.
Невладината организација Меморијал е овогодинешниот добитник на Нобеловата награда за мир, заедно со белорускиот активист за човекови права Алес Бјаљацки и Украинскиот центар за граѓански слободи. Тие се големи борци против режимот на Путин.
Во меѓувреме, воените аналитичари предвидуваат тешка зима и војна која повеќе ќе се базира на гранатирање сѐ до пролетта кога пак ќе почнат офанзивите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во пресрет на претстојната студена зима, синоќа апелираше до Украинциите за истрајност и отпорност.
– Непријателот многу се надева дека ќе ја искористи зимата против нас: да ги направи зимскиот студ и тешкотиите дел од неговиот ужас – рече Зеленски во својата редовна секодјенвна ноќна видео порака до сонародниците.
– Мораме да направиме сѐ што можеме за да ја преживееме оваа зима, колку и да е сурова – додаде тој.
– Да се издржи оваа зима – рече Зеленски, значи да се издржи сѐ.
Русија има предност во проектили и артилерија, посочи украинскиот претседател. „Но, ние имаме нешто што окупаторот го нема и нема да го има: го штитиме нашиот дом и тоа ни дава најголема можна мотивација”, нагласи Зеленски.
Украинскиот народ се бори за слобода и ја брани вистината, вели тој.
– За да ја преживееме зимата, мора да бидеме поотпорни и обединети од кога било порано – додаде украинскиот претседател во своето редовно видео обраќање до Украинците.