Кина ќе дозволи некои случаи на „Ковид-позитивни“ да останат во изолација дома, под одредени услови, меѓу дополнителните мерки што ќе бидат објавени во наредните денови, рекоа два извора, зголемувајќи ги надежите дека Кина може да ги олесни мерките од својата политика „нулта ковид“.
На сите позитивни случаи нема да им биде дозволено безусловно да се самоизолираат дома, изјави еден од изворите за Ројтерс во четвртокот, додавајќи дека бремените жени, постарите лица и луѓето со хронични болести ќе се квалификуваат за самоизолација.
На блиските контакти на пациентите ќе им биде дозволено да се самоизолираат дома доколку домашната средина исполнува одредени услови, велат изворите.
Властите исто така ќе ги засилат антигенските тестови за новиот коронавирус и ќе ја намалат зачестеноста на масовните тестирања.
Ова се првите индикации дека кинеските власти би можеле да ја олеснат строгата политика околу Ковид, по бранот протести против епидемиолошките ограничувања и за повеќе слободи, пишува Франс прес.
Пристапот на Кина кон вирусот се соочува со „нови околности и нови задачи“, благодарение на помалку опасната варијанта на омикрон и напредокот во вакцинацијата, рече вицепремиерот Сун Чунлан, во говорот пред Националната здравствена комисија (НХЦ) во средата.
Пекинг во вторникот одлучи да ја забрза вакцинацијата на старите лица, што според него се уште е недоволно.
Централна фигура во стратегијата на Кина за борба против пандемијата, вицепремиерот Сан не ја спомна политиката „нулта ковид“, според она што го објави државната новинска агенција New China.
Ова раѓа надеж дека оваа стратегија, која веќе три години го нарушува секојдневниот живот на Кинезите и економијата на земјата, наскоро ќе биде олеснета, наведуваат агенциите.