Центарот за македонски јазик во Грција објави дека официјално е регистриран како невладина организација од судските власти во Грција.
Барањето за регистрација на организацијата било одобрено од судот на 28 јули 2022 година, додека одлуката била објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации на 7 ноември 2022 година. Последните административни работи поврзани со регистрацијата биле завршени минатата недела, при што судот официјално го одобрил и статутот на организацијата.
Центарот за македонски јазик во Грција упатува јавна благодарност до адвокатот Кирос Спондис за успешното завршување на целата постапка околу регистрацијата и впишувањето на оваа организација во судскиот регистар на невладини организации.
„Сакаме да нагласиме дека во случајов станува збор за прва невладина организација во Грција, која директно ќе се грижи за македонскиот јазик и која законски е регистрирана од грчките државни органи. Овој чин претставува де факто признавање на македонското говорно население во Грција. Воедно, значаен е и фактот што судската документација официјално ја наведува организацијата со нејзиниот назив на македонски јазик, при тоа користејќи го и македонското кирилично писмо“, се наведува во дописот до медиумите од Центарот за македонски јазик во Грција.
Одлуката на судот претставува прво официјално признавање на македонскиот јазик во Грција од државните органи после пописот на населението во Грција спроведен во 1920 година, кога македонскиот јазик бил наведен како јазик што го зборува дел од населението во одредени региони.
Ваквото достигнување не претставува крај, туку почеток на кампањата за целосно признавање на македонскиот јазик во Грција. Затоа, Центарот за македонски јазик во Грција во наредниот период ќе се насочи кон исполување на своите цели од статутот, кои го предвидуваат следново:
– изучување на македонскиот литературен јазик од граѓаните на Грција, преку интернет-страница.
– поддршка на заложбите за идно воведување на македонскиот литературен јазик како изборен предмет во јавните училишта (основни и средни) и универзитетите во Грција, кои се наоѓаат во регионите Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија.
– поддршка на заложбите за идно формирање на педагошки училишта/одделенија во рамките на постоечките универзитети во Грција за обука на наставници по македонски јазик, како и за изработка на наставни програми и наставни материјали.
„Ги повикуваме сите говорители на македонскиот јазик и неговите богати дијалекти во Грција, како и сите демократски ориентирани граѓани во државата, да ни се придружат во нашите напори за постигнување на соодветно и официјално признавање, кое сите ние го заслужуваме“, се додава во дописот на Центарот за македонски јазик во Грција.
Демократскиот сојуз ја поздрави одлуката на Судот во Грција да регистрира невладина организација „Центар за Македонски јазик“, која ќе се грижи за македонскиот јазик.
„Ова е одлука од историско значење и е во функција за натамошен развој на добрите односи помеѓу Македонија и Грција“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Честиташе и поранешниот премиер Зоран Заев.
„Еве ги плодовите од Преспа, ни носат радост на сите кои зборуваме македонски јазик, на сите Македонци. Им честитам на основачите на Центарот за македонски јазик во Грција и на сите граѓани на Северна Македонија и на Грција кои се радуваат на овој убав чин кој е особено важен како уште една потврда за блиските релации меѓу двете земји. Им благодарам и на поранешниот и на сегашниот премиер, Ципрас и Мицотакис, за вербата и посветеноста во градењето искрено пријателство и добрососедство“, напиша поранешниот премиер Зоран Заев на Фејсбук по овој повод.