Турската полиција уапси едно лице осомничено дека поставило бомба која во неделата експлодираше во пешачка зона во центарот на Истанбул, при што загинаа најмалку шест, а беа повредени десетици луѓе.
Бомбата експлодираше во неделата околу 16:20 часот по локално време на авенијата Истиклал, улица со бројни кафулиња, ресторани, кина и продавници.
Според моментално достапните податоци, најмалку шест лица загинале во експлозијата, а 81 лице е повредено, од кои двајца потешко.
Во понеделникот наутро, министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу изјави, според извештајот на државната телевизија ТРТ, дека полицијата го уапсила лицето кое ја поставило бомбата.
Осомничено е лице поврзано со забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), а министерот Сојлу се закани со одмазда, јави ТРТ. Во ЕУ и во САД, ПКК има статус на терористичка организација, забележува агенцијата ДПА.
Турскиот новинар и дописник Рагип Сојлу на Твитер го напиша името на напаѓачот и дека признала дека илегално влегла во Турција со цел нападот.