Оризопроизводитeлите од Кочанско денеска повторно излегоа на протест за да го изразат незадоволството од ниските откупни цени за овогодишната реколта и доцнењето во исплатата на субвенциите.
Со трактори ја блокираа едната коловозна лента од магистралнот пат во селото Облешево и побараа средба со претставници од Владата, кои веќе ги известиле за протестот, за директно да ги запознаат со своите барања.
– Жетвата заврши, но проблемите останаа како што беа, дури сега е и полошо. По последната средба со министерот за земјоделство ни беше ветено дека дел од субвенциите ќе ни бидат исплатени за да можеме да влеземе во завршната фаза на оризопроизводството. До денеска од тоа нема ништо, а имаме информации дека дополнителните три денари за предадена оризова арпа ги ограничуваат со некој датум на останатите кои имаат предадено од минатогодишната реколта и дека нема ни да бидат исплатени. Беше утврдено дека производната цена е 27 денари за килограм арпа, а ние сега го предаваме оризот под таа цена затоа што сме принудени. Нема организиран откуп и она што се откупува го плаќаат по 22 до 25 денари за килограм, според волјата на откупувачите – истакна Тони Максимов, оризопроизводител од Облешево.
Оризопроизводителите истакнаа дека денешниот протест е предупредувачки и ако не остварат средба со претставници од Владата, ќе организираат поголем со блокада на двете коловозни ленти на магистралниот пат Кочани – Штип. Притоа се пожалија дека дел од земјоделците биле под притисок и манипулации да не излегуваат на протести.
– Досега се одржа само еден состанок со надлежните државни институции, на кој само беше утврдена производната цена на оризот. Друг состанок немаше и немаме позитивни сигнали како ќе се реши состојбата во оризопроизводството. Мора со нив да одржиме една конструктивна дискусија на која ќе бидат понудени предлози што ќе носат решенија на проблемите. Исплатата на дополнителната субвенција од три денари не е реализирана, што е недозволиво, со оглед што оризот можеби беше единствената земјоделска култура за која со решение на Министерството за економија имаше замрзната цена цела година – истакна Ставре Јанев, претседател на Самостојниот синдикат на индивидуалните земјоделслки производители.
Земјоделците истакнаа дека цените на оризот на светските берзи пред два дена имале покачување од 10 отсто и во моментот достигнуваат три илјади евра за тон, а кај нас цената е три пати пониска. Поради тоа бараат усогласување со движењето на цените, согласувајќи се тие кај нас да бидат и за 20 отсто пониски во однос на берзанските.
Поддршка на оризопроизводителите им дадоа и претставници на тутунарите и производителите на јаболка од Радовишко, Прилепско и од Ресенско, кои истакнаа дека имаат исти проблеми и дека државата мора да им помогне, затоа што земјоделските производители сочинуваат скоро една четвртина од вкупното население во државата.
фото: МИА