Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во вторник ќе објави дека е „кандидат за претседателските избори“ во 2024 година, потврди во петокот негов близок советник.
Магнатот за недвижности претходно навести дека би можел да се кандидира, ветувајќи „голема објава“ од неговиот дом во Флорида во вторник.
Содржината на таа објава навистина не предизвика голема неизвесност во последните денови, истакнува Франс прес.
Поранешниот претседател Трамп во вторник ќе објави дека е кандидат за претседателските избори. „И тоа ќе биде многу професионално, многу уредно соопштение“, рече неговиот советник Џејсон Милер на „Воена соба“, подкастот на Стив Банон, уште еден близок пријател на Доналд Трамп.
76-годишниот републиканец смета дека прашањето за неговата кандидатура „не треба ни да се поставува“, објасни Милер.
Тоа ќе биде трета кандидатура на Доналд Трамп. Но, дури и ако неговото влијание врз Републиканската партија остане непобитно, тој сепак излезе ослабен од среднорочните избори во вторникот, кога многу негови истомисленици не успеаја.
Спротивно на тоа, гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, новата ѕвезда на цврстата десница, беше триумфално реизбран. Таа победа го зацврсти неговото место како потенцијален предизвикувач на поранешниот претседател за републиканската номинација.