Грчката полиција соопшти дека не е пронајдено ништо сомнително откако 228-те патници и 18-те членови на екипажот на авионот на Емирати, кој мораше да се врати во Атина од летот за Њујорк, беа проверени од грчката полиција.
Портпаролот на полицијата за Франс прес изјави дека по добиените информации од странските власти дека во тој авион има сомнително лице, полицијата синоќа наредила авионот да се врати на аеродромот во Атина.
Телевизијата ЕРТ објави дека летот е откажан на барање на американските власти. Претставници на грчката полиција не го потврдија ова. Авионот на Емирати ЕК-210 се врати назад околу 45 минути по полетувањето, придружуван од два борбени авиони Ф-16 на грчкото воздухопловство.
Тој слета во 22 часот по локално време на меѓународниот аеродром во Атина, каде што беше извршен претрес во авионот, меѓу патниците и во делот за багаж, изјави полициски извор.
Непосредно пред враќањето на тој авион на Емирати, синоќа на аеродромот во Атина пред полетувањето бил прегледан уште еден авион на истата компанија на пат кон Дубаи. Властите не идентификуваа ниту еден осомничен и авионот на крајот полета за Дубаи со речиси пет часа задоцнување, изјави извор од грчкиот аеродром.