Претседателот на Индонезија, Џоко Видодо денеска изјави дека неговиот руски колега Владимир Путин ќе присуствува на претстојниот Самит на Г20 на Бали доколку „дозволи ситуацијата”.
– Но, ако не успее да дојде, можеби виртуелно ќе ни се придружи – истакна на Видодо, кој претседава со овогодишниот Самит на Г20 на Бали.
Индонезија како домаќин на Г20 се спротивстави на притисокот од западните земји и Украина да ја повлече поканата до Путин, наведувајќи дека нема овластување да го направи тоа без консензус меѓу членките.
Видодо во интервју за „Фајненшл тајмс” истакна дека Русија е добредојдена на Самитот.
– Г20 не е наменет да биде политички форум. Замислен е да се занимава со економија и со развој – посочи Видодо.
Индонезија го покани и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој наведе дека нема да учествува доколку присуствува Путин.
На Самитот се очекува да присуствуваат и неколку други светски лидери, меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг.