Инфлацијата сериозно ги нагризува платите и работниците ја губат куповната моќ на средствата што ги земаат како плата, велат од Сојузот на синдикати на Македонија од каде не ја исклучуваат можноста повторно да излезат на улица.
Потпретседателот на ССМ Иван Пешевски во изјава за МИА вели дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство повеќе не можат да се задоволат ниту со една просечна и една минимална кошничка.
– ССМ постојано ја пресметува синдикалната потрошувачка кошничка која со инфлацијата од 19,8 проценти достигна 51.514 денари за октомври. Ако земеме во споредба со октомври 2020 година ќе видиме дека за цели 17.000 денари е зголемена. Тоа значи дека инфлацијата сериозно ги нагризува платите и работниците ја губат куповната моќ врз средствата што ги земаат како плата и сметаме дека, како ССМ, покрај тоа што не беа прифатени нашите антикризни мерки, повторно ќе преземеме чекори за посилен притисок и повторно излегување на улиците и изразување на незадоволството – вели Пешевски.
Според најавите, во среда ќе заседава Претседателството на ССМ како највисок орган на синдикатот на кое сериозно ќе бидат разгледани сите можни облици и притисоци што ќе ги преземат.
Државниот завод за статистика денеска излезе со податок дека трошоците на животот во октомври во однос на октомври лани бележат зголемување од 19.8 проценти, а цените на мало од 15.4 проценти.